18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ ги продолжи санкциите за Русија на уште шест месеци, Москва подготвува...

ЕУ ги продолжи санкциите за Русија на уште шест месеци, Москва подготвува одговор

rusija-eu-russia-eu

Министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија ги продолжија во понеделникот санкциите против Русија воведени поради нејзината наводно дестабилизирачка улога во кризата во Украина, до крајот на јануари идната година, на што Москва веднаш реагираше оценувајќи ги за неосновани а премиерот Дмитриј Медведев побара од својот кабинет да одговори со дополнително ембарго.

Шефовите на дипломатиите на земјите членки на Европската унија, коишто во понеделникот се состанаа во Луксембург, формално ја потврдија одлуката која минатата седмица беше договорена на ниво на амбасадори.

ЕУ во јули 2014 година воведе санкции против Русија следејќи ги САД, а во септември тие беа засилени и продолжени на една година, и се насочени против енергетскиот, одбранбениот и финансискиот сектор. Со тоа ЕУ и САД ја канија Русија поради тоа што мнозинското руско население на црноморскиот полуостров Крим, откако во Киев со безредијата на власт дојдоа прозападните сили кои веднаш го укинаа рускиот јазик и именуваа свои гувернери, преку референдум изгласа враќање на автономијата укината од Киев во 1990-те и присоединување на Руската Федерација, што Западот го смета за нелегална руска анексија на украинска територија и оти Москва ги помага рускојазичните бунтовници во источниот регион Донбас.

Сега европската санкции се продолжени за уште шест месеци, во кои Брисел ќе проценува колку Русија го почитува договорот од 12-ти февруари од Минск за прекин на огнот во Украина. Москва во неделата решително одговори дека извршила притисок врз бунтовниците и тие го повлекле тешкото вооружување според минскиот одговор, и оти очекува и ЕУ да изврши притисок врз властите во Киев кои ги поддржува да ги запрат нападите врз цивилни цели на истокот.

Русија, како и претходно, соопшти дека санкциите против неа се неосновани, а портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди дека Москва ќе се раководи од принципот на реципроцитет.

„Повеќепати истакнавме дека тука нема ништо ново – наспроти санкциите функционира принципот на реципроцитет, тоа е основата на нашиот пристап. Русија, се разбира, ги смета тие санкции за неосновани, нелегални, и ние никогаш не бевме и не сме иницијатори за такви мерки“, рече Песков.

Според него, продолжувањето на таквите практики „кои не само што им нанесуваат штети на интересите на економските субјекти во нашата земја, туку и во самите земји (што ги наметнуваат санкциите – з.м.), односно на интересите на даночните обврзници на европските земји“.

Портпаролот на Кремљ истакна дека Москва не е иницијатор на политиките на санкции, и оти во овој случај „ќе дејствува врз началото на заемноста“.

Веднаш потоа рускиот премиер Дмитриј Медведев, побара од вицепремиерот Сергеј Проходко, да подготви предлог за воведување реципрочни рестриктивни мерки пореди европското продолжување на санкциите против Русија.

Според размислувањата на руски функционери, Москва најверојатно ќе се определи за продолжување и проширување на санкциите за увоз на прехранбени продукти, овошје и зеленчук од земјите кои ѝ воведоа санкции.

„Имајќи предвид дека Европската унија ги продолжи за шест месеци санкциите против Русија, се обратив до претседателот и вицепремиерот, и побарав да се утврдат категории на продукти, предмети на надворешната трговија и трансакции, кои се предмет на рестриктивните мерки“, изјави Медеведев.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП