Околу 340.000 барања за легализација на бесправно изградени објакети поднесени се на територијата на Косово, изјави во петокот косовскиот министер за животна средина и просторно планирање, Ферид Агани.
Тој на конференција за медиуми по истекот на периодот за предавање на барањето за легализација рече дека акцијата за пријава на незаконски градби е голем успех на централната власт и локалните самоуправи.
„Се занимаваме со проблеми од минатото и сегашноста, тоа не е нималку лесен процес, тоа е процес на претворање на нешто незаконско во законско. Тоа е големо достигнување“, рече Агани.
Директорот на УСАИД за Косово Џејмс Хоул, кој го поддржува процесот на легализација, оцени дека на стотици илјади семејства им е овозможено да бидат чекор поблиску до легализација на имотот.