20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈункер порача Грција да не се потпира на него, Oланд повикува на...

Јункер порача Грција да не се потпира на него, Oланд повикува на компромис, министрите скептични за самитот

juki 33

Претседателот на Европската комисија, Џан-Клод Јункер изјави дека на грчкиот премиер Алексис Ципрас ми порачал дека не треба да се потпира многу на него кога станува збор за избегнување на можноста да дефинитивно да пропаднат преговорите со доверителите.

Додека францускиот претседател Франсоа Оланд повика да се преземат сите мерки за да се постигне компромис до вонредниот самит за Грција во понеделник во Брисел, за кој министрите за финансии од еврозоната се скептични дека ќе донесе резултати во надминување на грчката должничка криза и избегнување на банкротот на земјата и евентуалното нејзино излегување од монетарната унија.

„Повторно го предупредив грчкиот премиер Алексис Ципрас дена не би требало да смета на тоа дека јас ќе помогнам да се спречи пропаѓањето на преговорите во кој и да е случај“, вели претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во интервјуто за саботното издание на германскиот магазин Der Spiegel од кое исечоци се објавени во петокот.

Челниците на држави и влади од еврозоанта ќе се обидат на вонредниот состанок во понеделник во Брисел да го избегнат банкротот на Грција. Оваа седмица во Грција граѓаните забрзано ги вадат парите од банкарските сметки, само преку банкомати изминатите четири дена се извадени околу 1,5 милијарди евра и паднаа владините приходи, додека Атина и нејзините меѓународни доверители не успеваат да постигнат договор за нов пакет помош за Грција во замена за реформите што треба да ги спроведе.

Јункер, кој инаку се обиде да ги премости разликите меѓу Атина и нејзините доверители изминатите неколку месеци, вели дека владата на Грција очигледно погрешно ги сфатила неговите напори за наоѓање компромис.

Според него, Грците веруваат дека „постои некој во Европа кој на крајот може да го извлече зајакот од шапката, но тоа не е така“. „Не го разбирам Ципрас. Довербата што му ја дадов, не е еднакво возвратена“, вели Јункер.

Наместо да се жали на компромисните предлози на доверителите, Цибрас би требало да му каже на грчкиот народ дека Европската комисија му понудила инвестициска програма во вредност од 35 милијарди евра во периодот од 2015 до 2020 година, вели Јункер. „Да сум грчки премиер, јас тоа би го нарекол успех“, вели претседателот на Европската комисија и додава дека такво нешто не слушнал досега од Ципрас.

Истовремено францускиот претседател Франсоа Оланд повика да се преземе сé што е неопходно за да се постигне компромис за грчкиот долг на вонредниот самит на еврозоната во понеделник во Бирсел.

„Мораме да го искористиме времето коешто не дели до понеделникот, за да сториме сé преговорите да продолжат, дебатите да доведат до компромис, но компромис втемелен на европските правила“, рече Оланд во друштво на својот словачки колега Андреј Киска со кој имаше билатерална средба на маргините од регионалниот самит во Братислава.

Францускиот претседател подоцна во петокот ќе се сретне и со германската канцеларка Ангела Меркел. Самитот во понеделник навечер ќе биде „важен и не би сакал да се сретнеме за само да утврдиме дека не сме успеале“, нагласи Оланд.

Одржувањето на вонредниот самит на еврозоната во понеделникот за да се најде решение за грчката криза, ќе биде полезно само доколку Атина и нејзините доверители до тогаш ги приближат ставовите, оценија во петокот министрите за финансии на земјите од ЕУ.

„Свикувањето на самитот кои можеби нема да биде можно да се подготви доколку овој викенд не биде донесена одлука, мислам дека не е многу конструктивно“, изјави австрискиот министер за финансии, Ханс-Јорг Шелинг, по доаѓањето ан средбата на министрите за финансии на Европската унија во Луксембург.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, го свика самитот на 22-ри јуни, веднаш откако во четвртокот навечер објави дека на состанокот на Еврогрупата не беше постигнат напредок.

„Би сакале конечните преговори да се одвиваат на највисоко политичко ниво на Европа и сега работиме на тоа тој самит да биде успешен и исходот позитивен“, објави во петокот кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Францускиот министер за финансии Мишел Сапен оцени дека самитот е „добро место за носење добра одлука“, но дека „самитот треба да биде подготвен, а пред нас има уште работа“. Литванскиот министер Римантас Садзиус потсети дека „договорот во прв ред мора да го постигнат грчките челници и доверителите“. „Потоа тоа може да биде одобрено на политичко ниво. Така нештата треба да функционираат“, рече. „Потребен ни е некаков предлог на маса за преговорите. Потребен е прво технички предлог, па средба на Еврогрупата, па потоа самит на еврозоната… Топката очигледно е на грчката половина“, порача финскиот министер Александер Стуб.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП