25 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНезири во Софија ги претстави можности за инвестирање во Македонија

Незири во Софија ги претстави можности за инвестирање во Македонија

Image

Министерот за економија Беким Незири во петокот во Софија ги претстави можностите за инвестирање во слободните зони во Македонија, а се заложи и за интензивирање на економската соработка меѓу двете држави.

Трговската размена помеѓу Македонија и Бугарија е на завидно ниво, а Бугарија е на шестто место од десетте држави со кои имаме најинтензивна соработка.

Незири оствари средба со министерот за економија на Република Бугарија Божидар Лукарски, непосредно пред Економскиот форум за Југоисточна Европа, кој се одржува во Софија, во рамки на претседавањето на Република Бугарија со Процесот на соработка на ЈИЕ.

„Во таа насока, во денешниот разговор со мојот бугарски колега се договоривме Мешовитиот комитет да се состане до крајот на годината, а го запознав и со 13-те слободни зони во Македонија, кои се одлична шанса за инвестирање на бугарските компании , бидејќи ваква можност не се нуди во ниту една европска држава. Со цел интензивирање на меѓусебната соработка, која е резултат на одличните односи меѓу двете земји, го поканив министерот Лукарски да оствари и прва официјална посета на Скопје“, Незири

Министерот Лукарски изрази задоволство од упатената покана за посета на Република Македонија, потврдувајќи дека Скопје ќе биде меѓу приоритетите на неговата агенда.

„Ние на Балканот, трудејќи се да соработуваме со што повеќе земји, често се забораваме себеси и соседите. Среќни сме што денеска ни е гостин министерот Незири. Инаку, се договоривме Мешовитиот комитет да се состане до крајот на годината на екпертско ниво, но и од страна на двете министерствада се организира бизнис форум, во чии рамки ќе бидат Б2Б средби меѓу бизнисмените од двете држави. Задоволни сме што македонско-бугарската стопанска комора функционира добро, иако резултати има само во делот на туризмот. Воедно, го информирав мојот колега дека Бугарија за првпат во првиот квартал оваа година има раст од 3 отсто, имаме околу 2 отсто намалување на невработеноста и раст на извозот за првите три месеци од 12,8 отсто“, рече Лукарски.

На Форумот, пак, министрите за економија од регионот имаа можност да разговараат за економската соработка меѓу земјите во Југоисточна Европа, имајќи ја предвид Стратегијата за Југоисточна Европа, која претставува регионален одговор на Стратегијата ЕУ 2020. Министерот Незири, во своето обраќање, се задржа на значењето на регионалната трговија како фактор на раст, бидејќи дури 5 од вкупно 11 главни цели се поврзани со трговијата и инвестициите.

„Како што е предложено во Стратегијата на ЈИЕ 2020 и прифатено од ЦЕФТА земјите, стремежот е да се постигне раст во трговијата од 230% до 2020 година, при што регионалната трговија со стоки ќе се третира за трговија на единствен пазар. Меѓу основните приоритети е слободниот проток на инвестиции преку креирање на единствен инвестициски концепт, потоа олеснување на трговијата, преку склучување Рамковен Договор од страна ЦЕФТА земјите, целосно укинување на царинските давачки за земјоделско-прехранбените производи помеѓу ЦЕФТА земјите, воведување на дијагоналната кумулација на потекло на стоката, согласно унифицираните правила на Пан – Евро медитеранската конвенција за потеклото на стоката, како и либерализација на трговијата со услуги“, истакна Незири.

Во делот на трговската соработка, министерот Незири рече дека трговијата на Македонија во 2014 година со земјите на ЕУ е 72%, а со ЦЕФТА земјите изнесува 12,8% од вкупната трговија на Република Македонија со светот, при што македонскиот извоз во 2014 година пораснал за 15,6%, а увозот од светот е зголемен за 10,3%.

Осврнувајќи се на мерките, политиките и проектите за имплементација на индустриската политика, поттикнување на конкурентноста и иновациите, олеснетиот пристап до финансии за деловните субјекти, спроведените реформи, како и привлекувањето на странски инвестиции како еден од клучните столбови на економската политика, министерот Беким Незири изјави: „Позитивните оценки во рамки на повеќе меѓународни рангирања се доказ повеќе дека Владата на Република Македонија има јасна визија за развој, кој е базиран на економски раст преку зголемување на конкурентноста, како резултат на подобрување на бизнис климата, развој на инфраструктурата и на човечкиот капитал, како основа за подобрување на благосостојбата на граѓаните. Република Македонија како дел од регионот на Југоисточна Европа е силно заинтересирана за економски просперитет на земјите од регионот и поголемата меѓусебна соработка, како суштински предуслови за долгорочна стабилност и заедничка иднина во евроинтегративниот процес“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП