16 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРусија и Грција договорија соработка за гасоводот Турски тек

Русија и Грција договорија соработка за гасоводот Турски тек

gasovod 234

Русија и Грција постигнаа во петокот согласност за планираниот гасовод познат како Турски тек, кој е замена за прекинатиот проект Јужен тек поради недоразбирањата меѓу Москва и Брисел, и со кој според руските намери ќе се испорачува енергенсот до европските потрошувачи, откако по 2019 година рускиот природен гас нема повеќе да оди преку гасоводната мрежа на Украина.

Договорот кој го потпишаа рускиот министер за енергетика Алескандр Новак и неговиот грчки колега Панајотис Лафазанис, се однесува на соработка во градењето и користењето на гасоводот на територијата на Грција, пренесуваат руските медиуми.

„Потпишаниот меморандум ја потврдува повеќемесечната наша работа за да се спроведе гасоводот преку територијата на Грција. Овој гасовод ќе одигра стабилизирачка улога во регионот. Проектот не е насочен против никој, туку напротив, ги обединува сите региони низ коишто ќе минува“, истакна Лафазанис, кого го цитира агенцијата РИА, по средбата со Новак која му претходеше на потпишувањето на договорот.

Рускиот министер изразил задоволство од тоа што проектот во сферата на енергетиката се движи напред според планот, истакнувајќи дека со потпишувањето на договорот соработката меѓу Русија и Грција „влегува на ново ниво“.

На свеченоста на потпишувањето на договорот, Лафазанис истакнал и дека на Грција ѝ е неопходна поткрепа а не притисок во ситуацијата во којашто се наоѓа, односно должничката криза, и повтори дека оваа соработка со Русија не е насочена против трети земји или против Европа.

Договорот е потпишан во рамките на рускиот економски самит кој се одржува во Санкт Петербург до сабота. На самитот ќе учествува и рускиот претседател Владимир Путин, кој на маргините ќе се сретне со грчкиот премиер Алексис Цирпас.

Новиот гасовод кој ќе оди преку Турција е осмислен како алтернатива за Јужниот тек, од кој се Москва поради пречките за коишто ја обвини Европската унија. Грција, којашто е во незавидна економска и енергетска состојба, се смета за клучна алка во сите проекти за гасоводи кои би воделе до земјите од ЕУ.

Проектот Турски тек вклучува изградба на гасовод со капацитет од 63 милијарди кубни метри гас на годишно ниво кои од Русија ќе бидат транспортирани во Турција преку Црното Море. Гасоводот во должина од околу 1.100 километри ќе се состои од четири раздели и до труско-грчката граница треба да оси до 47 милијарди кубни метри гас.

Таму треба да биде создадена гасоводна мрежа (хаб), а земјите од Европската унија ќе треба самостојно да ги изградат своите капацитети за прифаќање на гасот на своите територии.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП