7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААзиските берзи пораснаа, доларот под притисок, на нафтените пазари мирно

Азиските берзи пораснаа, доларот под притисок, на нафтените пазари мирно

Chinese stock investors check their shar

Денеска на азиските берзи цените на акциите пораснаа, следејќи го подемот на Волстрит, благодарејќи на јакнењето на американската економија и проценките дека каматите во САД ќе растат побавно отколку што се очекуваше.

На токиската берзата Nikkei индексот во претпладневното тргување беше во плус од 0,9 отсто, додека цените на акциите во Сингапур, Јужна Кореја, Хонгконг и Австралија пораснаа меѓу 0,1 и 1,2 отсто. Иако во Шангај индексите паднаа за повеќе од 2 отсто, MSCI индексот на азиско-пацифичките берзи, без јапонските, во петокот претпладне беше во добивка од 0,6 отсто.

Азиските инвеститори се охрабрени од силниот раст на цените на акциите во четвртокот на Волстрит и новиот рекорд на индексот Nasdaq, по подобрите од очекуваните резултати кои укажуваат на јакнење на заздравувањето на американската економија, по падот во првиот квартал.

„Тоа од пазарите отстрани дел од несигурноста и би требало да претставува позитивен фактор, додека грчката должничка драма го придушува оптимизмот“, вели за Reuters Стивен Чиу, стратег во „Mitsubishi UFJ Financial Group“.

Позитивно на пазарите влијаат и процените дека американската централна банка (Federal Reserve – Fed) нема наскоро да ги зголеми каматните стапки. Каматите годинава ќе бидат зголемени, но само е еднаш, а не двапати, како што до пред некој ден се мислеше. Покрај тоа, се очекува дека следните години каматите во САД ќе растат бавно.

А на валутните пазари американскиот долар и натаму е под притисок во однос на повеќето валути, поради процените дека каматите во САД ќе растат побавно од очекуваното.

Курсот на доларот кон јапонската валута се лизна во петокот претпладне на 122,95 јени, додека во истиот период во четвртокот изнесуваше 123,10 јени. Меѓутоа, американската валута зајакна во однос на европската, па вредноста на еврото во петокот претпладне се движи околу 1,1360 долари, додека претходниот ден во еден момент, првпат по еден месец, се проби над нивото од 1,1400 долари.

Слабоста на единствената европска валута доаѓа поради уште еден неуспешен обид да се постигне договор за решавањето на грчките должнички проблеми. Во четвртокот навечер средбата на министрите за финансии на земјите членки на еврозоната и на владата во Атина, не донесоа никакво напредок, па земјата е чекор поблиску до банкрот и излегување од еврозоната.

На пазарите на нафта, пак, во петокот претпладне се тргува мирно, и по три дена раст цените се стабилни. На американските пазари цената на барел сирова нафта во петок претпладне се лизна за 5 центи, на 60,50 долари, додека на лондонскиот пазар барелот поевтини за 10 центи, на 64,20 долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП