Владата ја разгледува можноста социјалноранливите категории граѓани во иднина да добијат бесплатни магистерски и докторски студирање на еден од факултетите и универзитетите, изјави во четвртокот премиерот Никола Груевски на започнувањето на проширувањето на улицата „Маџари“ во општина Гази Баба.
„За овие олеснувања неодамна разговаравме во Владата. Тие се дел од нашите ветувања и Владата донесе заклучок да го задолжи Министерството за образование и наука при наредната промена на Законот за високо обрзование да се предвиди во упишувањето во вториот и трет циклус студии – магистерски и докторски, да се предвиде во законот 10 отсто од квотите што се примаат на секој факултет и универзитет да бидат бесплатни за лица кои се од социјалноранливи категории. Доколку има повеќе од 10 отсто кои конкурираат, во тој случај критериумот да биде за оние кои имаат најниски приходи, односно се во најзагрозена социјална категорија“, изјави Груевски.
Според македонскиот премиер, со овој потег ќе им се излезе во пресрет на лицата кои се со пониски примања во своите семејства, а имаат капацитет и ги поминуваат условите за запишување на магистерски или докторски студии, за да имаат можност да се запишат без плаќање на потребната партиципација, односно без плаќање на трошоците коишто се за овој вид студии.