17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВнимателност на ЕУ берзите пред пораките на Фед

Внимателност на ЕУ берзите пред пораките на Фед

evro-berzi-berza-evropa

На европските берзи во средата се тргува внимателно поради седницата на Фед и ризиците од излегување на Грција од еврозоната, а поважните индекси ги избришаа добивките од претходниот ден.

FTSEurofirst индексот на 300-те водечки европски акции во 11:30 часот стагнираше на 1.528 поени, откако вчера зајакна 0,6 отсто.

Истовремено, лондонски FTSE индекс беше во минус 0,02 отсто, на 6.708 поени, париски CAC за 0,08 отсто, на 4.835 поени, додека франкфуртски DAX стагнираше на 11.403 поени.

На почетокот на тргувањето европските берзи реагираа позитивно, следејќи ги синоќешните добивки на Волстртит. Но, подоцна инвеститорите се насочија кон седницата на Фед и грчката должничка криза. Се стравува дека Фед би можел да сигнализира почеток на кревање на каматните стапки од септември“, изјави Кристијан Штокер, стратег во Unicredit.

Соопштението од седницата на Фед се очекува да биде објавено доцна попладне, по што претседателката на Фед Џенет Јелен ќе одржи прес конференција, при што се очекува да се фокусира на знаците за закрепнување на најголемата светска економија.

„Никој денеска не очекува промена на каматните стапки, но сметаме дека има различни мислења кога тоа ќе се случи. Многумина се надеваат дека Јелен денеска ќе даде нешто повеќе светло“, наведува Маркус Хубер, аналитичар при инвестицискиот фонд Peregrine &Black.

Внимателно се тргува бидејќи инвеститорите стравуваат од последиците од можен банкрот на Грција. Грчката влада не прифаќа да спроведе реформи кои ги бара еврозоната за да и биде одобрена нова рата кредит. Кон крајот на јуни на Грција и доспева за наплата кредит од 1,6 милијарди евра кон ММФ, но Атина ги нема потребните пари.

Вчера грчкиот премиер Алексис Ципрас ги обвини кредиторите дека настојуваат да ја понижат Грција барајќи натамошни мерки за штедење, додека членките на еврозоната се подготуваваат за излегување на Грција од блокот. Оттука е малку веројатно дека на состанокот на министртите за финансии на еврозоната во четврток ќе биде постигнат било каков напредок во преговорите.

Најмногу падна цената на акцијата на данскиот производител на медицинска опрема Coloplast, за 2,8 отсто, по вчерашната загуба од 7,8 отсто, откако аналитичарите ја снижија целната цена за оваа акција, бидејќи раководството ги снижи своите деловни проценки за оваа и наредната година.

Меѓу најголемите добитници со скок на цената за речиси 6 отсто, е акцијата на Remy Cointreau, откако производителот на пијалоци извести за раст на оперативната добивка за 13,5 отсто и најави издашни дивиденди.

Силно, за 3,4 отсто, скокна и цената на акцијата на Telecom Italia, по вестите дека француски Vivendi има намера да го зголеми својот удел во италијанската компанија на 10 до 15 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП