Грција најверојатно ќе ја напушти еврозоната и ЕУ доколку не постигне договор со кредиторите, соопшти Централната банка на земјата, а пренесува АФП.
Банката на Грција во соопштението наведе дека Атина најверојатно ќе го напути еврото и ЕУ ако не постигне договор за одобрување на траншата за Грција од 7,2 милијарди евра.
„Пропастот на преговорите би го означил почетокот на болниот пат за Грција кој сигурно ќе доведе до напуштање на еврозоната и најверојатно Европската унија“, се вели во соопштението на банката.
Тоа е причина зошто Банката договорот за траншата го нарекува „историски услов“ и невозможно е да се игнорира.
Постоечката програма за меѓународна помош на Грција истекува на 30 јуни, па состанокот на министерите за финансии на еврозоната во Луксембург оваа недела се смета за последна шанса за постигнување на договор во врска со грчките реформи.
На Грција, исто така, на крајот на овој месец и доспева за наплатата долгот кон ММФ во висина од 1,6 милијарди евра, како и отплатата на обврзници кон ЕЦБ во вредност од 6,7 милијарди евра, за што според тврдењата на грчките претставници, владата во Атина нема финансиски средства.