3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаканата од тропска олуја во Тексас благо ја крена цената на нафтата...

Заканата од тропска олуја во Тексас благо ја крена цената на нафтата во САД

nafta 93939

На американската берза барел нафта благо поскапе по предупредувањето за приближување на тропска олуја во Тексас, значителен производител на нафта, додека цената на лондонската берза остана речиси непроменета во контекст на континуирано прекумерно снабдување.

Со нафтата на американскиот пазар денеска се тргува по 58,86 долари, односно по 34 центи повисока цена во споредба со затворањето на претходниот ден. Цената се движи во распон од 57 до 62 долари за барел од почетокот на мај.

На лондонската берза, пак, цената на барелот остана речиси непроменета во однос на вчерашното затворање и изнесуваше 63,84 долари.

Американскиот национален центар за урагани во вторникот објави предупредување за можен удар на тропска олуја на брегот на Тексас. По предупредувањето на нафтените компании Chevron и Royal Dutch Shell ги евакуираа од платформите делот на работниците кои не се клучни за производството. Вадењето на нафта засега продолжува во басенот на кој отпаѓа речиси една петтина од вкупното американско производство на нафта.

„Тропската олуја појаснува зошто барелот на американската берза зајакна, а учесниците на берзата можат да очекуваат и дека податоците за американските залихи ќе покажат нивен натамошен пад, што би можело да го појасни благото закрепнување на цената на овој пазар, за разлика од цената на лондонскиот“, толкува Карстен Фрич, аналитичар во Commerzbank.

Аналитичарите опфатени во анкетата на Reuters проценуваат дека извештајот на американската влада ќе покаже пад на залихите во минатата недела за 1,8 милиони барели, седма недела по ред.

Лондонската берза, пак, ја притискаат големи количини на непродадена нафта од Северното море и од западна Африка на танкерите во Атланскиот басен, кои ја притискаат цената на нафтата на физичкиот пазар и покрај силната рафинериска побарувачка, поврзана со поволните маржи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП