17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа Волстрит цените паднаа поради ризикот од банкрот на Грција

На Волстрит цените паднаа поради ризикот од банкрот на Грција

volstrit56

На Волстрит цените на акциите паднаа во понеделникот поради несигурноста на инвеститорите предизвикана од неизвесните последици од можниот банкрот на Грција, но растот на здравствениот сектор ги ублажи загубите на индексите.

Така, во понеделникот индексот Dow Jones падна за 0,60 отсто, на 17.791 поен, индексот S&P 500 се лизна за 0,46 проценти, на 2.084 поени, а Nasdaq индексот за 0,42 отсто, на 5.029 индексни поени.

Откако во неделата пропадна уште еден обид за договор меѓу Грција и нејзините доверители за решавањето на должничката криза, на Атина ѝ останаа уште само две седмици да го избегне можниот банкрот. Имено, до 30-ти јуни грчката влада на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) мора да му врати вкупно 1,6 милијарди евра од четирите рати од кредитот кои доспеваат за наплата овој месец. Но, како што стојат нештата во моментов, Атина нема пари за исплата на тие обврски. Поради тоа и цените на акциите во понеделникот паднаа.

„Вложувачите се позиционираат во согласност со сé поголемата можноста од грчки банкрот. Досега ниедна земја членка на еврозоната не банкротирала, па оттаму не знаеме какви се можните последици“, вели во анкетата на Reuters Пол Менделсон, стратег во компанијата „ Windham Financial Services“.

На Грција ѝ е неопходна последната транша од 7,2 милијарди евра од актуелниот пакет надворешна финансиска помош, но доверителите за возврат бараат од Атина да спроведе дополнителни реформи. Меѓу другото, инсистираат на намалување на пензиите и зголемување на ДДВ-то, за да се намали буџетскиот дефицит, но владата предводена од радикалната левица одбива да го стори тоа.

Во четврток за грчките должнички проблеми ќе разговараа министрите за финансии од еврозоната, и веројатно ќе мора да донесат тешки политички одлуки. Грчката влада и натаму порачува дека е подготвена да преговара, додека функционери од Европската унија неодамна предупредија првпат дека официјално дискутирале за можните сценарија во случај на банкрот на Грција.

И додека грчката должничка драма ги притиска пазарите, падот на индексите во понеделникот го ублажи силниот раст на цените на акциите во здравствениот сектор, по написите во медиумите за можни преземања. Така, цената на акцијата на „Cigna“ скокна за речиси 20 отсто, по веста дека управата на компанијата ја одбила понудата за преземање од страна на „Anthem“ во износ од 45 милијарди американски долари. Економскиот весник The Wall Street Journal, пак, пишува дека „UnitedHealth“ ја разгледува понудата за „Cigna“ или „Aetna“, па акциите на втората поскапеа за 4,4 отсто.

„Има сé повеќе вести и сите тие се уште еден индикатор за растот на значајната преговарачка моќ во здравствениот сектор. Осигурителните куќи се здружуваат за да имаат поголема сила во преговорите со болниците и фармацевтските компании“, вели Питер Тац, претседател на компанијата „Chase Investment Counsel“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП