26 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПромовиран Националниот гео-портал на Република Македонија

Промовиран Националниот гео-портал на Република Македонија

skica 3003

Втора седница на Советот на Националната инфраструктура на просторни податоци (НИПП), со која претседаваше заменикот претседател на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација на економските ресори, Владимир Пешевски, се одржа денеска.

На седницата на Советот на НИПП беше извршена и промоција на Националниот гео-портал на Република Македонија.

Вицепремиерот Пешевски, во своето воведно обраќање истакна дека со воспоставување на Националниот гео-портал, Владата на Република Македонија продолжува со успешна реализација на проекти со кои се олеснува пристапот до податоци на граѓаните, се подигнува ефикасноста и ефективноста на јавната администрација и се постигнува интеропарбилност со институциите на земјите членки на Европската Унија.

„Гео-порталот позитивно ќе влијае на зголемувањето на нивото на достапност до геопросторните податоци до сите заинтересирани субјекти и ќе го поттикне отворениот пристап кон објавувањето на геопросторни податоци. Гео-порталот претставува платформа која е важен предуслов за подигнување на нивото на техничката интероперабилност помеѓу институциите и развивањето на електронските мрежни сервиси за дистрибуција на геопросторни податоци“, потенцираше Пешевски.

Вoедно нагласи дека Република Македонија е во чекор со земјите членки на Европската Унија и процесот на реализација се одвива согласно утврдената динамика во европската INSPIRE директива донесена од страна на Европската Комисија.

Директорот на Агенцијата за катастер на недвижности, Славче Трпески изјави дека постигнатиот успех во областа на националната инфраструктура е резултат на неколку успешно реализирани проекти во Агенцијата за катастар на недвижности од оваа област. За тоа говори и првата награда доделена во март 2013 година, во рамите на проектот ИНСПИРАЦИЈА за земјите од Западен Балкан, проект финансиран со средства од Европската унија. Наградата се однесува на веб-апликацијата за поврзување податоци „да ја заштитиме животната средина“ која ги комбинира, обединува и визуелизира податоците од катастарот, со податоците од Министерството за животна средина, правејќи ги корисни и приспособливи за потребите на корисниците.

Националниот гео-портал е веб-решение кое овозможува да се врши пребарување и публикување на просторните податоци и сервиси.

Агенцијата за катастар на недвижности на гео-порталот ги постави геопросторните податоци кои се однесуваат на: државната граница, статистичките региони, единиците на локалната самоуправа, населените места и дигиталниот модел на терен, како  и нивните соодветни веб-услуги. Со оглед на фактот дека податоците поставени на гео-порталот се изработени по европските стандарди, тие се компатибилни и подготвени за поврзување со INSPIRE порталот на Европската Комисија, со влезот на Република Македонија во Европската унија.

Со воспоставувањето на Националниот гео-портал придобивките од функционирањето на Советот на НИПП ќе бидат уште повидливи и особено значајни за подобрено донесување одлуки – подобрено планирање, спроведување на политиката и следење, поедноставување на процесот на соодветното планирање, управувањето со ризиците, како и зачувувањето и искористувањето на ресурсите, побрз одговор на итни ситуации, подобрено планирање и управување со транспортот и врските, развој на голем број владини електронски услуги кои се наменети за граѓаните, особено преку е­Влада, како и за меѓународната соработка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП