28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМеркел, Оланд и Ципрас договорија интензивирање на преговорите

Меркел, Оланд и Ципрас договорија интензивирање на преговорите

sredba e330

Челниците на Германија, Франција и Грција договорија доцна синоќа во Брисел дека преговорите меѓу Атина и нејзините надворешни доверители мора да бидат интензивирани за да се постигне договор и да се избегне банкротот на земјата, меѓутоа немало позначителни поместувања.

Претставник на владата на Германија изјавил дека откако канцеларката Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд ја разгледале ситуацијата со преговорите со грчкиот премиер Алексис Ципрас на маргините од самитот на Европската унија и Латинска Америка и Карибите во Брисел, дека разговорите минале во „конструктивна атмосфера“.

„Едногласно е договорено преговорите меѓу грчката влада и институциите (Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд), треба да бидат продолжени со голем интензитет“, рекол портпаролот на германската влада.

Во претпладнево германската канцеларка Ангела Меркел ја повика владата на Грција да направи „максимални напори“ за да се постигне договор со меѓународните кредитори.

„Се надевам дека уште денеска ќе бидат преземени неопходните чекори“, истакнала Меркел.

„До крајот на преговорите беше постигнато апсолутно единство во мислењето дека Грција во моментов засилено ќе работи за да се разјаснат сите отворени прашање“, истакнала Меркел додавајќи дека „Секој ден е важен“.

Преговорите со Грција уште не донесоа резултат, бидејќи тамошната влада предводена од радикалната левица не сака да ги намали пензиите и да ги спроведе непопуларните реформи на пазарот на трудот и зголемување на данокот за додадена вредност (ДДВ) на електричната енергија, за да ја добие последната транша од помош од постојниот пакет меѓународна финансиска помош во висина од 7,2 милијарди евра, која е блокирана повеќе од година, како и да постигне договор за продолжување на програмата за помош.

По средбата којашто траеле час и 45 минути, претставник на грчката влада рекол дека „Тројцата челници се договорија дека ќе го интензивираат процесот на надминување на преостанатите разлики, за да се добие правовремен договор кој би овозможил на Грција да го врати растот со социјална кохезија и одржлив долг“.

Ниедна страна не изнесе поединости за содржината на преговорите.

Станува збор за петта средба на тројцата челници за помалку од две седмици, што според европски дипломатски кругови, укажува на сериозноста на напорите кои се вложуваат за да се спречи банкрот на Грција и нејзиното евентуално излегување од еврозоната.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП