Дефицитот во буџетот на француската држава на крајот на април оваа година е намален на 59,8 милијарди евра, додека една година претходно изнесуваше 64,2 милијарди, покажуваат податоците на Министерството за буџет.
На крајот на април буџетските трошоци достигнаа 135,0 милијарди евра во однос на 138,6 милијарди во истиот период минатата година, што е пад од 2,6 проценти, прецизираат од Министерството.
Истовремено, приходите се зголемиле на 93,3 милијарди од 93,0 милијарди на крајот на април 2014 година, со раст од 0,3 проценти, а само нето даночните приходи се намалени за 0,7 проценти на 90,0 милијарди евра.
Во рамките на фискалните приходи, приходите од даноците на додадена вредност се намалиле за 0,5 проценти на 45,9 милијарди евра, додека оние од даноците на доход се зголемени за 2,2 проценти на 27,6 милијарди евра.
Приходие од корпоративните даноци беа во пад за 22,7 проценти, на 7,0 милијарди евра.
Истиот извор потсетува дека со финансискиот закон за 2015 година Владата во Париз предвиде дека буџетскиот дефицит ќе го намали на 74,4 милијарди евра, по 85,6 милијарди во 2014 година.