19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗнакот за акредитација - единствен излезен код за домашните бизнисмени

Знакот за акредитација – единствен излезен код за домашните бизнисмени

Image (60)

Под мотото „Акредитацијата: Поддршка во обезбедувањето на здравственa и социјална заштита“, Институтот за акредитација на Република Македонија (ИАРМ) во вторник го одбележа Светскиот ден на акредитацијата, на кој се обратија министерот за економија Беким Незири, директорот на ИАРМ, Трпе Ристоски, заменик претседател на Советот на ИАРМ, Анита Грозданов и деканот на Медицинскиот факултет во Скопје, Никола Јанкуловски.

Министерот Незири истакна дека со оваа свеченост што секоја година се организира по повод овој ден, како дел од една глобална иницијатива во светот, Институтот за акредитација го обезбедува местото на Република Македонија на светската карта на глобални настани и овозможува да бидеме дел од светското семејство.

„Во оваа пригода би сакал да се задржам на значењето на акредитацијата за добробитот на економијата. Тргнувајќи од фактот дека во Република Македонија имаме веќе признат и докажан систем за акредитација, и на домашен и на меѓународен план, нашите претприемачи ги намалија ризиците од опасности во управувањето и трошоците во работењето, зајакнувајќи ја економската моќ“, истакна Незири.

Министерот за економија објасни дека испорачувајќи ги сопствените производи и услуги под знакот на акредитацијата, поточно со документи за тестирање, испитување и сертифицирање издадени од домашни акредитирани тела, нашите деловни субјекти секојдневно градат имиџ и препознатливост и на странските пазари, што значи дека нашите домашни економски субјекти веќе немаат потреба од двојни или дополнителни испитувања, тестирања, калибрирања или ре-сертификација за да ги пласираат своите производи и услуги, односно имаат обезбеден непречен пласман, преку елиминација на техничките и трговските бариери.

Директорот на ИАРМ Трпе Ристоски нагласи дека како алатка која обезбедува и испорачува квалитет и сигурност акредитацијата е присутна во секој домен од општественото живеење и работење иако, како што рече, често не сме свесни за неа.

„За пошироката јавност знакот за акредитација е знак за препознавање на квалитет. Иновациите и развојот на нови концепти и добра работна пракса, како и знакот на акредитација претставува клучен елемент во правењето разлика на пазарот. Крајните корисници тоа брзо го препознаваат и вреднуваат“, порача Ристоски.

Тој прецизира дека преку процесот на акредитација се постигнува симбиоза на сите услови или фактори кои вродуваат со економска исплатливост.

„За компаниите акредитацијата значи предуслов за поголема конкурентност на домашниот и на странските пазари која е обезбедена со минимални трошоци во работењето и со олеснет пласман и извоз. Еднаш испитан, тестиран, калибриран и сертифициран производ или услуга во домашно акредитирано тело е прифатен насекаде низ светот“, рече Ристоски.

„Во Република Македонија во изминативе неколку години спроведени се повеќе значајни реформи во здравствениот систем, меѓу кои и реформите за инфраструктурно опремување и унапредување на квалитетот на зравствените услуги во здравствените установи, преку воведување на системи за управување со квалитет во согласност со меѓународните стандарди. Во овој контекст не помалку важна е и одлуката на Министерството за здравство за задолжителна акредитација на осум медицински лаборатории во согласност со меѓународниот стандард ИСО 15189. Оваа одлука може да се каже дека е заокружување на започнатите активности во проектот на Владата на Република Македонија, опремување на лаборатории за научна истражувачка и апликативна дејност“, истакна деканот Јанкуловски.

На крајот на настанот официјално беа врачени 54 сертификати на акредитираните и реакредитираните тела за оцена на сообразност за период од јуни 2014 до мај 2015 година, што е најголема издадена бројка до сега во период од една година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП