18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа Волстрит цените паднаа трет ден по ред

На Волстрит цените паднаа трет ден по ред

wall street

На Волстрит цените на акциите паднаа во понеделникот, веќе трет ден со ред, поради загриженоста на вложувачите во врска со грчката должничка криза и можното зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка веќе во септември.

Индексот Dow Jones падна за 0,46 отсто, на 17.766 поени, додека индексот S&P 500 се лизна за 0,65 проценти, на 2.079 поени, а индексот Nasdaq за 0,92 отсто, на 5.021 индексен поен.

Индексот S&P 500, така, во понеделникот се лизна на најниското ниво во последните четири седмици, бидејќи акциите во девет од десетте сектори на овој индекс ослабеа, а најмногу за 1,2 отсто падна технолошкиот сектор. Индексот Dow Jones, пак, по вчерашниот пад, ги загуби сите добивки годнава. Сега во односот е почетокот од годинава е во минус од 0,32 отсто, S&P 500 е сé уште во плус од 1 отсто, а Nasdaq за 6 проценти.

Падот на цените на акциите е најмногу последица од нагаѓањата дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) уште во септември, првпат по осум години, ќе ги зголеми клучните каматни стапки. Тие нагаѓања зајакнаа откако во петокот беа објавени податоците за силниот раст на бројот вработени во САД во мај и растот на платите.

„Мајските бројки за вработувањето најверојатно укажуваат дека Fed наскоро ќе ги зголеми каматите, а пазарот на тоа се прилагодува“, вели во анкетата на Reuters Френк Дејвис, директор во компанијата „LEK Securities“.

Во Fed ги држат каматните стапки на прекуноќното кредитирање на меѓубанкарскиот пазар на пари близу нулата, уште од декември 2008 година, а евтините кредити сите овие години ги поттикнуваат растот на цените на акциите. Откако Fed ја укна програмата за откуп на државните и хипотекарните обврзници, со зголемување на каматите пазарот би изгубил уште еден лост кој со години го поддржуваше.

Инвеститорите ги загрижуваа и грчката должничка криза, бидејќи ниту понеделничките разговори меѓу грчките и функционерите од еврозоната не донесоа никакви конкретни резултати. Доколку наскоро не биде постигнат договор за реформите коишто Грција би требала да ги спроведе, а за возврат да добие натамошна меѓународна финансиска помош, оваа членка на еврозоната може да банкротира на крајот од јуни.

На воздржаноста на инвеститорите укажува и слабиот обем на тргувањето. На американските берзи во понеделникот сопствениците ги сменија 5,5 милијарди акции, додека просечниот дневен обем во јуни изнесува 6,1 милијарди акции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП