19 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОБарса ја сака петтата, Јуве третата европска круна

Барса ја сака петтата, Јуве третата европска круна

juve barsa 22

Фудбалската сезона во Европа ќе кулминира денеска со финалниот меч во Лигата на шампионите помеѓу Барселона и Јувентус. Финалето ќе се одигра на „Олимпискиот стадион“ во Берлин, место кое буди убави чувства кај Италијаните, бидејќи репрезентацијата тука ја освои својата четврта титула светски првак.

Јувентус ќе се обиде да го освои третиот трофеј во ЛШ, во своето осмо финале, последен пат играчите на „старата дама“ се радувале на титулата во ЛШ во 1996-та. Осми пат за титулата ќе се бори и Барселона која има четири титули, последната е освоена пред четири години.

Двата тима веќе ги освоија двојните круни во националните шампионати, а Јувентус доколку победи ќе влезе во одбраното друштво како осма екипа која во една сезона стигнала до тројната круна. Барселона веќе еднаш ја освои „триплета“ во 2009-та година, а доколку слави над Јувентус ќе стане првата екипа која два пати ја освојувала тројната круна.

Јувентус сезоната во ЛШ ја започна лошо, во фазата по групи забележа два порази од Атлетико и Олимпијакос и со само бод повеќе од грчкиот тим избори осминафинале, каде во двомечот во вкупни 5:1 ја елиминираше Борусија Дортмунд.

Во четвртфиналето голот на Артуро Видал од пенал на првиот меч го реши победникот против Монако, додека во полуфиналето пред „старата дама“ падна се уште актуелниот европски првак Реал. По 2:1 во Торино, во Мадрид резултатот беше 1:1.

„Ова е титулата која со соирачите ја „бркаме“ веќе неколку години. Веројатно дека оваа сезона не помислувавме дека ќе стигнеме до финалето, бидејќи тимот претрпе одредени промени, а и добивме нов тренер. Мислевме дека по промените ќе ни требаат неколку години за да размислуваме за финалето. Барселона е фаворит бидејќи има фантастични индивидуалци како Меси, Суарез, Нејмар, Иниеста, но ние ги имаме Тевез, Пирло, Мората, Погба, Маркизио. Имаме шанса да славиме“, вели легендарниот голман на Јувентус, Џиџи Буфон.

Јувентус ќе биде значително ослабен во финалето бидејќи поради повреда нема да настапи столбот во одбраната Џорџо Кјелини, во негово отсуство дефанзивата на Јуве ќе ја предводи Леонардо Бонучи.

„Не можете на овој меч да гледате како на меч во кој нападот на Барселона ќе игра против одбраната на Јувентус. Сакаме да одиграме добар натпревар. Сакаме да одиграме добар меч, слично како што игравме против Борусија, тој натпревар за нас беше пресвртница. Тогаш разбравме дека сме одличен тим. Сите кои ќе бидат на теренот ќе мора да го дадат најдоброто од себе, ќе мора да се бориме максимално за секоја топка. Многу ќе ни недостига капитенот Кјелини, но тој ќе биде со нас ќе не бодри. Италијанските тимови секогаш се најопасни во најтешките ситуации. Знаеме дека сме добри и ќе се обидеме да победиме“, рече Бонучи.

Барселона, за разлика од Јувентус лесно ја мина фазата по групи во ЛШ, во осминафиналето го декласираше во двомечот Манчестер Сити, слично беше и во четвртфиналето против ПСЖ. Шанси против Меси и екипата немаше ниту Баерн во полуфиналниот двомеч.

„Ние ќе ја контролираме топката. Иако Јувентус е италијански тим, мислам дека и тие сакаат да ја имаат топката во свој посед. Тоа го покажаа против Реал и тоа во Мадрид каде им е тешко на сите екипи и тоа кога беа во тешка ситуација. Ќе се обидат истото да го направат и во финалето“, изјави дефанзивецот на Барселона Џерард Пике.

„Тешко е да се каже кој е фаворит кога е во прашање ваков меч. Двата тима имаат квалитетни играчи, а ова е сепак финале, имаме 90 минути да покажеме што знаеме. Ќе дадеме се од себе за да го освоиме трофејот. Сепак ова е фудбал и се е можно, се надевам дека можеме да победиме“, истакна Нејмар.

Барса и Јуве во финалето по седми пат ќе играат меѓусебе во европските купови, последен пат се сретнале во 2003-та година, во четвртфиналето во ЛШ. Тогаш во двомечот поуспешен беше Јувентус со вкупни 3:2.

Претходно играле и во полуфиналето во Купот на куповите (1991), кога Барселона со вкупни 3:2 мина во финалето. Инаку првиот меѓусебен двомеч го одиграле во 1986-та година во Купот на УЕФА кога Барселона двомечот го добила со 2:1.

Можни состави:

Јувентус: Буфон – Лихштајнер, Барзаљи, Бонучи, Евра – Маркизио, Пирло, Погба, Видал – Тевез, Мората.

Барселона: Тер Штеген – Алвес, Пике, Маскерано, Алба – Бускетс, Ракитиќ, Иниеста – Нејмар, Меси, Суарез.

Големото финале, 60-то во ЛШ ќе го суди Чунеит Чакир од Турција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП