ИНТЕРВЈУ

„Можеби сме мал пазар, но тоа не значи дека треба да имаме мали амбиции“ – Војдан Карапетковски, основач на Кара5

Како вештачката интелигенција им овозможува на македонските компании да конкурираат на светските пазари.

Вештачката интелигенција веќе не е технологија на иднината, туку дел од секојдневното работење на компаниите што сакаат да останат конкурентни. Но, додека едни сè уште експериментираат со AI алатки, други веќе ги менуваат своите деловни модели, процеси и начинот на кој создаваат вредност.

Македонската компанија Кара5, основана во 2014 година, денес работи со меѓународни клиенти на четири континенти, во различни индустрии – од напредна хемија и фармација, преку производство и технологија, до финансиски услуги, инвестициски фондови и одбранбени системи.

Со околу 90% од приходите од меѓународни клиенти и раст на приходите од над 50% во изминатата година, Кара5 е пример како раната интеграција на вештачката интелигенција може да ја зголеми продуктивноста и да отвори нови можности за раст.

Во интервју за Денар, разговараме со Војдан Карапетковски, основач и извршен директор на Кара5, за реалната деловна вредност на AI, конкурентската предност до 2030 година, можностите за македонските компании и иднината на работењето.

ДЕНАР: Денес речиси секоја компанија зборува за вештачка интелигенција. Но, ако ги оставиме настрана големите очекувања и маркетингот, каде AI навистина создава мерлива деловна вредност?

Војдан Карапетковски: Одамна го надминавме периодот кога вештачката интелигенција беше само интересна тема за разговор. Денес таа е реалност што веќе го менува начинот на кој компаниите работат и растат.

Од нашето искуство во Кара5, гледаме како сè повеќе компании преминуваат од фазата на експериментирање кон реална примена на AI во секојдневните деловни процеси.

Работиме со клиенти на четири континенти, во различни индустрии, и имаме можност одблиску да ги следиме овие промени.

Ќе ви дадам неколку примери.

Од 2015 година работиме со швајцарска компанија за напредни хемиски истражувања од Базел, меѓу чии клиенти се Novartis и Roche. Денес, овој наш партнер применува AI во своите истражувања и развојот на нови молекули.

Во Франција, веќе една деценија соработуваме со производствена компанија која изработува силиконски компоненти за светски брендови како L’Oréal, Johnson & Johnson и Swatch. Таму вештачката интелигенција им помага во планирањето на залихите и управувањето со суровините.

Во Бразил работиме со компанија со 50-годишна традиција во одбранбената индустрија, која интегрира AI во дел од своите системи.

Но, можеби најдобриот пример што можам да го споделам, каде AI создава реална вредност е токму нашата компанија.

Во изминатава година остваривме значителен раст на приходите, а еден од значајните фактори беше интеграцијата на AI во нашето работење.

Со истиот тим на луѓе успеавме да создадеме поголема вредност, да опслужуваме повеќе клиенти и да управуваме со посложени процеси.

За нас вештачката интелегенција не е технолошки тренд или ветување за иднината на бизнисот, туку реалност и конкретен двигател на нашиот раст денес.

ДЕНАР: Споменавте дека Кара5 успеала значително да ги зголеми приходите без пропорционално зголемување на тимот. Како конкретно ја интегриравте AI во работењето?

Војдан Карапетковски: Уште во 2023 година започнавме активно да ја истражуваме и применуваме вештачката интелигенција.

Она што беше важно е дека не започнавме со идејата да продаваме нова AI услуга. Туку прво сакавме да разбереме како технологијата може да ја направи нашата компанија подобра.

Денес ја користиме во речиси сите сегменти на работењето: истражување на пазари, анализа на конкуренција, развој на стратегии, дигитални кампањи, создавање содржини, анализа на податоци, програмирање, маркетинг автоматизација и автоматизација на процеси.

Но, не станува збор за користење на неколку алатки.

Туку за развој на специјализирани AI асистенти и консултанти на кои им даваме конкретен професионален контекст, деловни информации, индустриска терминологија и јасни правила.

На тој начин технологијата станува продолжение на експертизата на нашиот тим и дел од нашето секојдневно работење.

Нашите луѓе и понатаму носат одговорност за стратегијата, квалитетот на работите и одлуките, но AI им помага многу побрзо да анализираат информации, да идентификуваат можности и да реализираат комплексни задачи.

И токму тука е разликата меѓу користењето на AI како алатка и интеграцијата на AI како дел од деловното работење.

Најголемата придобивка не е само заштедата на време.

Вистинската придобивка е што денес можеме да направиме работи за кои претходно ни беа потребни многу повеќе време и ресурси.

ДЕНАР: Дали компаниите прават грешка кога на вештачката интелигенција гледаат првенствено како на начин за намалување на трошоците?

Војдан Карапетковски: Секако. И мислам дека ова е едно од најважните прашања кога зборуваме за иднината на бизнисот.

Ако AI го користиме само за истата работа да ја завршиме побрзо и поевтино, искористуваме само еден дел од нејзиниот потенцијал.

За мене многу интересно прашање е што сè можеме да направиме што претходно не сме можеле.

Кои нови пазари можеме да ги освоиме? Кои нови производи и услуги можеме да ги развиеме? Кои нови клиенти можеме да ги привлечеме?

Една компанија може да користи AI за автоматизација на администрацијата и на тој начин да заштеди одреден број работни часови.

Но, истата технологија може да ѝ помогне да отвори нов продажен канал, да го подобри искуството на клиентите или да развие услуга што претходно не била економски исплатлива.

Разликата во постигнатиот успех може да биде навистина голема.

Затоа верувам дека лидерите треба да престанат да прашуваат колку пари ќе заштедат со AI, туку да започнат да се прашуваат колкава нова вредност можат да создадат.

AI не е само алатка за оптимизација на постојниот бизнис, туку и двигател за создавање нови деловни можности и дополнителен раст.

ДЕНАР: Ако до 2030 година речиси сите компании имаат пристап до исти AI модели и алатки, каде тогаш ќе биде вистинската конкурентска предност?

Војдан Карапетковски: Ќе направам една едноставна паралела.

Во последните петнаесет години речиси сите компании имаа пристап до интернет, Google, социјални медиуми и различни дигитални технологии.

Но, тоа не ги направи сите подеднакво успешни.

Разликата беше во тоа како ги користеа.

Истото ќе се случи и со вештачката интелигенција.

Конкурентска предност нема да имаат компаниите што само користат AI, туку оние што знаат како правилно да ја интегрираат во своето работење и да ја поврзат со нивната стратегија, податоци, деловни процеси и, најважно, луѓето.

Од нашето искуство, еден од најголемите предизвици е што знаењето кај компаниите многу често е фрагментирано и поделено помеѓу луѓето.

Информациите што ги имаат во маркетинг не се целосно достапни за оние од продажба. А пак податоците што ги имаат од менаџмент не се достапни за оперативните тимови. И така голем дел од знаењето се наоѓа заробено во долгогодишни документи, е-маилови, системи или едноставно во искуството на одредени поединците.

И секој гледа само дел од сликата на бизнисот.

Тука ние гледаме огромен потенцијал.

Замислете компанија во која вештачката интелигенција е поврзана со целокупното компаниско знаење: стратегија, податоците, клиенти, проектите, процесите и претходните искуства.

Тогаш AI престанува да биде само личен асистент на поединците и станува еден вид колективна компаниска интелигенција, достапна на секој член на тимот, во согласност со неговите овластувања.

Замислете за секое деловно прашање да можете да се консултирате со целокупното знаење и искуство на вашата компанија, надополнето со релевантни информации и сознанија од вашата индустрија ширум светот.

Тоа може суштински да го промени начинот на кој компаниите функционираат, овозможувајќи им да донесуваат побрзи, поинформирани и поквалитетни деловни одлуки.


Затоа верувам дека до 2030 година нема да победува компанијата што најмногу користи AI, туку онаа што најбрзо ги претвора своите податоци и знаење во паметни деловни одлуки.

ДЕНАР: Колку AI може да им помогне на помалите компании да конкурираат со големите меѓународни организации? Дали ова е шанса и за Македонија?

Војдан Карапетковски: Апсолутно. И тоа можам да го потврдам од сопствено искуство.
Кара5 ја изградивме од Македонија, а денес околу 90% од нашите приходи доаѓаат од меѓународни клиенти, од Швајцарија, Европа, Обединетите Арапски Емирати, САД и други пазари.

Тоа се компании кои имаат пристап до најголемите агенции, консултантски куќи и технолошки партнери во светот.

А сепак, избираат да работат со тим од Македонија.

Зошто? Затоа што вредноста што ја создаваме е поважна од адресата на која се наоѓаме.
Одредени географски и пазарни бариери сè уште постојат, но AI дополнително ги намалува.
Ќе споделам еден интересен пример.

Пред неколку години ни се обрати бразилска компанија од одбранбената индустрија, сектор во кој претходно немавме директно искуство.

Требаше да развиеме комуникациска стратегија и кампања за многу специфична професионална публика.

Со помош на специјализирани AI консултанти, на кои им дадовме јасни правила, професионален контекст и индустриска терминологија, многу побрзо навлеговме во комплексноста на таа индустрија.

Секако, нашиот тим ја водеше стратегијата, ја проверуваше точноста на информациите и ги носеше одлуките.

Кампањата беше успешно реализирана, а тоа подоцна ни овозможи да започнеме соработка со уште две компании од истиот сектор.

Што покажува ова?

Дека AI може значително да го забрза пристапот до специјализирано знаење и да им овозможи на помалите тимови да преземаат задачи за кои претходно би им биле потребни многу повеќе време и ресурси.

За Македонија ова е огромна можност. Можеби сме мал пазар, но тоа не значи дека треба да имаме мали амбиции.

ДЕНАР: Многу компании сè уште ја користат AI само преку ChatGPT или слични алатки. Кој треба да биде нивниот следен чекор?

Војдан Карапетковски: Првиот чекор е да разберат дека користењето ChatGPT или Claude не е исто што и дигитална трансформација на компанијата.

AI алатките можат многу да помогнат во индивидуалната продуктивност, но вистинските резултати доаѓаат кога ќе се поврзат со реалните потреби и процеси на компанијата.

На пример, замислете производствена компанија што располага со податоци за продажба, залихи, набавки, производство и побарувачка.

Ако тие информации се наоѓаат во одделни системи, а одлуките се носат врз основа на нецелосна слика, компанијата губи време и пропушта можности.

Но, ако информациите се правилно организирани и поврзани, AI може да помогне во анализата на побарувачката, предвидувањето потреби, препознавањето ризици и подобрувањето на планирањето.

Истото важи и за услужните компании, финансискиот сектор, трговијата и многу други индустрии.

Мој совет е да не започнуваат од прашањето која AI алатка треба да ја купат.

Туку да започнат од прашањето кои се нивните најголеми деловни предизвици.

Каде губат најмногу време? Каде губат приходи? Каде имаат недоволно информации за носење одлуки?

Потоа нека одберат еден процес, нека постават мерливи цели и нека започнат со конкретна примена. На тој начин самите ќе можат да ги согледаат резултатите и вистинската вредност што AI може да ја донесе во нивниот бизнис.

Вештачката интелегенција не треба да се воведува само затоа што е модерна. Таа треба да решава вистински деловни проблеми.

ДЕНАР: Како вештачката интелигенција ќе го промени начинот на кој компаниите комуницираат со своите клиенти, особено преку веб-страниците и дигиталните канали?

Војдан Карапетковски: Мислам дека веќе сме сведоци на една многу интересна трансформација.

Денес повеќето компании сè уште ја гледаат својата веб-страница како дигитална презентација на производите и услугите. Посетителот треба сам да ги пронајде информациите, да ги спореди опциите, да пополни контакт-форма и да чека одговор.

Но, зошто веб-страницата да биде само место каде што се презентира бизнисот, кога може активно да создава нови деловни можности?

Токму од оваа идеја го развивме Кара5 AI Business Representative – интелигентен дигитален претставник што го познава бизнисот на компанијата, ги разбира потребите на посетителите, одговара на нивните барања, препорачува релевантни решенија и ги претвора посетите во потенцијални деловни можности.

Достапен е 24 часа на ден, на повеќе јазици, без оглед на работното време или временската зона во која се наоѓа потенцијалниот клиент.

Но, најголемата вредност не е само во тоа што посетителот веднаш добива одговор. Вистинската вредност е што компанијата може подобро да ги разбере потребите на своите потенцијални клиенти, да ги препознае и квалификува деловните можности и да ги поврзе со својот продажен тим.

Ова е конкретен пример за тоа како AI може да создава дополнителна вредност, наместо само да ги оптимизира постојните процеси.

Верувам дека иднината на веб-страниците е во нивната трансформација од статични дигитални презентации во интелигентни продажни платформи што активно привлекуваат потенцијални клиенти, создаваат нови деловни можности и го поттикнуваат растот на бизнисот.

ДЕНАР: Дали вештачката интелигенција ќе ги замени луѓето и како ќе се промени улогата на лидерите и вработените?

Војдан Карапетковски: Вештачката интелигенција несомнено ќе промени голем број работни позиции и задачи. Некои активности ќе бидат автоматизирани, а истовремено ќе се создаваат и нови професии и можности.

Но, мислам дека е погрешно целата дискусија да се сведе на прашањето колку работни места ќе бидат заменети.

Многу поважно е како ќе се промени вредноста што ја создава секој поединец.

Во Кара5 веќе гледаме дека секој професионалец што правилно користи AI може значително да го зголеми својот капацитет.

Но, технологијата не може да ја замени потребата од добро расудување, одговорност, креативност, комуникација и разбирање на деловниот контекст.

Истовремено, се менува и улогата на менаџерите.

Верувам дека лидерите ќе трошат помалку време на собирање информации и рутинска координација, а повеќе на стратегија, одлуки и развој на луѓето.

AI може да анализира голем број сценарија и да предложи различни решенија.

Но, лидерот мора да знае кое решение е вистинското, да ја разбере пошироката слика и да ја преземе одговорноста за одлуката.

Затоа мислам дека доброто лидерство во иднина нема да биде помалку важно. Напротив, ќе биде уште поважно.

Технологијата може да ни даде повеќе одговори од кога било досега. Но, човечката способност да ги поставиме вистинските прашања ќе стане уште повредна.

ДЕНАР: Како ја оценувате подготвеноста на македонските компании за оваа трансформација? Дали доволно брзо ги следиме светските трендови?

Војдан Карапетковски: Во Македонија имаме квалитетни претприемачи, способни луѓе и компании со сериозен потенцијал.

Но, мислам дека мораме да го промениме начинот на кој размислуваме за технологијата и долгорочниот развој.

Кај дел од компаниите дигитализацијата сè уште се гледа првенствено како трошок, наместо како инвестиција во конкурентноста.

Се инвестира во поединечни дигитални активности, но без тие да бидат поврзани со поширока деловна стратегија.

Дополнително, мислам дека имаме предизвик со долгорочното планирање.

Ќе ви дадам една споредба од нашето искуство.

Во Швајцарија, веќе во ноември со нашите клиенти ја планираме целата следна година. Ги дефинираме приоритетите, инвестициите, очекуваните резултати и активностите што треба да ги реализираме, со јасен план за секој месец поединечно.

Во Македонија, пак, неретко се случува кога ќе седнеме на состанок, сè да е итно и сè да требало да биде завршено уште вчера.

Секако, има многу позитивни исклучоци, но ова е генерална разлика во пристапот што ја забележувам.

Ако постојано размислуваме што требало да направиме вчера, нема да имаме време за она што треба да го направиме денес, а уште помалку за она што сакаме да го постигнеме утре.

Вештачката интелигенција нуди огромни можности, но за да ги искористиме, мора да имаме стратегија, јасни приоритети и подготвеност за промени.

Не е доволно само да ги следиме технолошките трендови. Треба да размислуваме како да ги претвориме во конкретна деловна вредност и сопствена конкурентска предност, уште денес.

ДЕНАР: Ако треба да издвоите една промена што македонските компании треба да ја направат уште денес за да бидат поконкурентни во 2030 година, која би била таа?

Војдан Карапетковски: Би го издвоил начинот на размислување.

Мислам дека најголемата промена треба да се случи пред да се инвестира во која било технологија.

Компаниите треба да престанат да размислуваат само за тоа како да го оптимизираат она што го прават денес и да почнат да размислуваат што сè би можеле да прават поинаку утре.

AI не е само можност побрзо да ги извршуваме постојните задачи.

Таа е можност да ги преиспитаме процесите, деловните модели, начинот на комуникација со клиентите и пазарите на кои можеме да конкурираме.

Ако една компанија продолжи да размислува на истиот начин како пред десет години, самото воведување AI нема автоматски да ја направи конкурентна.

Но, ако има јасна визија, способни луѓе и подготвеност за промени, новите технологии можат значително да го забрзаат нејзиниот развој.

Мислам дека Македонија има вистинска можност да го искористи овој момент.

Не мора да имаме најголеми компании, најголеми буџети или најголем домашен пазар за да создадеме меѓународно успешни бизниси.

Потребни ни се поголеми амбиции, подобра организација, континуирано учење и храброст да воведуваме промени и доследно да применуваме нови начини на работа.

ДЕНАР: И за крај, како ја гледате иднината на Кара5 и што очекувате да се промени во деловниот свет во следните пет години?

Војдан Карапетковски: Нашата визија е Кара5 да биде многу повеќе од меѓународен партнер за дигитална стратегија и трансформација – да биде двигател на промени, иновации и раст, помагајќи им на луѓето и компаниите ширум светот да ги поместуваат границите на можното и да го остварат својот вистински потенцијал.

Ќе продолжиме да инвестираме во вештачка интелигенција, автоматизација, нови технологии и, пред сè, во луѓето што стојат зад нашиот успех.

Верувам дека во следните пет години AI ќе стане составен дел од речиси секој аспект на бизнисот. Но, вистинскиот успех нема да се мери според бројот на автоматизирани процеси или воведени технологии, туку според вредноста што тие ја создаваат.

Најголемиот успех ќе биде во тоа дали сме успеале да создадеме подобри компании, подобри производи, поквалитетни услуги и поголема вредност за нашите клиенти.

За мене, напредокот отсекогаш започнувал со способноста да видите нешто подобро пред тоа да постои и да одлучите да го изградите.

Токму тоа е филозофијата што нè води во Кара5.

Нашиот напредок живее во напредокот на нашите клиенти. Ние растеме кога тие растат.

И ако треба да ја сумирам мојата порака, таа би била едноставна:

Иднината нема да им припаѓа на компаниите што најмногу зборуваат за AI, туку на оние што знаат да ја претворат во вистинска деловна вредност. Бидејќи иднината не е нешто што треба само да го предвидуваме. Таа е нешто што треба заедно да го создадеме.