3 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПрво издание на меѓународниот филмски фестивал за деца „Тинтири Минтири Филм Фест“

Прво издание на меѓународниот филмски фестивал за деца „Тинтири Минтири Филм Фест“

Image (35)

Под мотото „Филмови на големото срце“ ќе се одржи првото издание на меѓународниот филмски фестивал за деца „Тинтири Минтири Филм Фест“, во периодот од 5-ти до 7-ми јуни 2015 година во Кинотека на Македонија.

Фестивалот е во организација на Детскиот културен центар „Карпош“, односно членовите на ДКЦ Тинтири Минтири, Аурипигмент продукција и Кинотека на Македонија.

Во борба за официјалната награда се пријавија 96 филмови за деца од цел свет, од кои организаторите одбраа 10 што ќе и бидат прикажани на македонската публика. Новитет на македонската фестивалска сцена е прикажувањето на осум краткометражни филмови изработени од 70-тина деца, членови на ДКЦ Тинтири Минтири.

Раководителот на центарот Тинтири Минтири и директор на фестивалот, м-р Кузман Кузмановски, смета дека со изработката на детските филмски дела се верифицира нивниот труд и желба за работа, а се надева дека тие ќе остават траен печат во срцата на децата, којшто натаму може да помогне истите да започнат професионално да се занимаваат со филм и да бидат нашите идни македонски филмски работници.

Најдобриот филм на фестивалот ќе биде прогласен по гласањето на детската публика. Во рамки на Тинтири Минтири филм фест ќе бидат организирани и две работилници – едната за архивирање на филмовите, на која децата ќе можат да видат како се чува македонското филмско наследство за идните генерации. Втората работилница е за изработка на анимирани ликови и е наменета за деца од 6 до 11 години. Билетите за проекциите се бесплатни за сите посетители.

На фестивалот ќе биде објавен и конкурс за најдобро сценарио напишано од деца на возраст од 6 до 14 години, а наградата за најдоброто сценарио ќе биде снимање на филм според истото. Сценариото треба да е со должина најмногу до 10 страници А4 формат, напишано со големина на фонт 12. Сценаријата треба да се испратат на е-маил адресата: [email protected] и на адресата: улица „Венијамин Мачуковски“, број 17 1/1, 1000 Скопје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП