13 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСИРИЗА го отфрли предлогот на кредиторите

СИРИЗА го отфрли предлогот на кредиторите

Image (30)

Високи функционери на владејачката левичарска грчка партија СИРИЗА соопштиле дека не можеле да го прифатат договорот кој кредиторите го предложиле на состанокот меѓу грчкиот премиер Алексис Ципрас и претседателот на Европската комисија (ЕК), Жан-Клод Јункер.

На средбата меѓу Ципрас и Јункер не бил остварен напредок во преговорите за условите околу пуштањето на последната транша од пакетот помош за Грција, пренесуваат грчките медиуми.

Ципрас во Брисел по состанокот отфрлил некои од предлозите на институциите кои ги надгледуваат реформите во Грција. Секретарот на СИРИЗА, Тасос Коронакис изјавил дека изнесените предлози „не можат да бидат основа за договор“.

Грција до петок мора на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) да му го исплати првиот дел од вкупно 1,6 милијарди евра, кои треба да се исплатат до крајот на јуни. Доколку Атина има пари за ова, се очекува нејзината влада да предложи да се продолжи со отплатата, само доколку и се вети дека ќе биде постигнат целосен договор.

Пратеничката група на СИРИЗА во грчкиот парламент во четврток ќе го разгледа понудениот договор, а ова е од клучно значење поради тоа што на Ципрас му е потребно парламентарно мнозинство за да ги изгласа реформите кои се услов за исплатата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП