15 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦелосно изгоре ученичкиот дом во Дебар

Целосно изгоре ученичкиот дом во Дебар

Image (27)

Целосно изгоре објектот на ученичкиот дом во дебарската населба Венец, кој повеќе години не функционира и во него беа сместени неколку семејства кои немаа покрив над главата.

Според командирот на Противпожарната единица во Дебар Џетан Муфтаровски, пожарникарите интервенирале веднаш по добиените информации за пожарот. Според него пожарот избувнал нешто по 5 часот во четврток наутро и во првичната интервенција екипата успеала да спаси едно лице од вториот кат и потоа му била дадена лекарска помош.

Во овој објект живееле три семејства кои немале покрив над главата повеќе од две години.

Мифтаровски изјави дека единицата интервенирала со сите шест цистерни за гасење на пожар и со екипата од 15 пожарникари.

Објектот кој беше изграден во седумдесеттите години на минатиот век, беше монтажен и целосно е изгорен. Сепак со брзата интервенција на противпожарната екипа пожарот бил локализиран и не допрел до другите колективни станбени згради кои се во непосредна близина.

Бајрам Цноли, кои заедно со седумте деца и сопругата живееше во овој објект, изјави дека по дознавањето за пожарот веднаш го напуштил објектот.

Засега нема информации за причината на пожарот, а екипи на полицијата и судот извршија истражни дејствија.

Во овој ученички дом, во седумдесеттите години, беа сместувани сè до стартот на плурализмот, ученици од некои соседни градови кои учеа во дебарската гимназија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП