Новак Ѓоковиќ го победи Рафа Надал во четвртфиналето на Ролан Гарос. Првиот носител против актуелниот шампион славеше со 3:0 (7:5, 6:3, 6:1) за два часа и 26 минути игра.
Ѓоковиќ ја забележа првата победа против Надал во седмиот дуел на Ролан Гарос и воедно го намали резултатот во меѓусебните дуели на 21:23. Надал, кој на терените во Париз има одиграно 72 натпревари го забележа својот втор пораз, прв по 2009 година кога загуби од Робин Содерлинг.
Ѓоковиќ, како ретко кога, доминираше против Надал на земјена подлога, од самиот почеток го диктираше ритамот, а Надал беше конкурентен само во средишницата на првиот сет, кога успеа да израмни по водството на противникот од 4:0.
Противник на Ѓоковиќ во полуфиналето ќе му биде победникот од дуелот меѓу Енди Мари и Давид Ферер.