15 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦените на нафтата потонаа пред состанокот на OPEC, во фокус прекумерното снабдување

Цените на нафтата потонаа пред состанокот на OPEC, во фокус прекумерното снабдување

nafta 02

Цените на нафтата остро паднаа во средата на меѓународните пазари, имајќи предвид дека вниманието насочено на прекумерното снабдување пред состанокот на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC), а дополнителен товар беше и силниот американски долар.

Во ваквата атмосфера цената на барелот на лондонскиот пазар потона за 1,75 долари во однос на затворањето на тргувањето во вторникот, на 63,74 долари, што претставува пад на цената од 2,5 отсто. На американскиот пазар, пак, барелот поевтини за 1,40 долари, или за 2,25 отсто во однос на претходното затворање, лизнувајќи се на 59,86 долари. Одвоено OPEC објави дека цената на барел од референтната кошница негова нафта во вторникот изнесувала 62,32 долари, што значи дека пораснала за 1,82 долари во однос на претходниот трговски ден.

Клучните членки на OPEC се согласија дека производниот плафон на нафтениот картел нема да се менува на состанокот во петок во седиштето во Виена, изјави висок претставник од Персискиот залив при организацијата. „Постои консензус меѓу членките на OPEC од Персискиот залив, но и други, дека нивото на производство треба да остане непроменето. Никој не сака да искокнува. Се очекува мирен состанок“, рекол за Reuters неименуван извор од OPEC во Виена.

Претходните изјави од оваа седмица на министрите од земјите членки на картелот во Виена ги потврдија процените на инвеститорите дека големите производители на нафта од Блискиот исток ќе продолжат да ја произведуваат нафтата со максимален интензитет и во следните месеци, во очекување дека пониските цените ќе ги исфрлат од рамнотежа поедини конкуренти.

Саудискиот министер за нафта, Али ал-Наими, изјави на конференцијата во организација на OPEC во Виена дека картелот „во моментов ја исполнува глобалната побарувачка“, и дека тоа според негова оцена не би требало да се менува. „Кога станува збор за долгорочните енергетски прогнози, иднината изгледа многу добро“, заклучи саудискиот министер.

Во моментов OPEC произведува околу два милиона барели дневно повеќе отколку што е неопходно, со што ги полни светските резерви, а цените на моменталните испораки ги држат пониски во однос на оние за испораките во иднина.

Некои аналитичари предупредуваат на можноsта OPEC дури и да го подигне производствениот плафон. „Со зголемениот геополитички ризик за снабдувањето од Блискиот исток и од Северна Африка, малку е веројатно дека OPEC ќе ја намали квотата, но би можел да ја зголеми“, истакнуваат аналитичарите на „Barclays“ во белешката пред состанокот во Виена.

Дополнителниот тег за цените на нафтата во среда беше и силниот американски долар, кој во однос на кошницата на шесте светски валути од земјите најголеми трговски партнери на САД поскапе за околу 0,4 отсто, што ја прави нафтата поскапа за оние што ги имаат другите валути, па оттаму и ја кочи побарувачката.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП