3 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАНова едиција Книжевно патување низ Европа поддржана од програмата на ЕУ Креативна...

Нова едиција Книжевно патување низ Европа поддржана од програмата на ЕУ Креативна Европа

ere

Издавачки центар ТРИ, поддржан од програмата Креативна Европа (Creative Europe) на Европската унија, започнува нова едиција насловена Книжевно патување низ Европа. Седум исклучителни автори, седум врвни книжевни достигнувања ќе ги поведат читателите на книжевна авантура низ неистражените предели од хартија, на која ќе се сретнат со културите, обичаите, традициите и стиловите на европската книжевност.

Книжевното патување низ европските литературни пејзажи го започнуваме со Задолжителна среќа на Романецот Норман Манеа. Еден од претендентите за Нобелова награда за литература и добитник на многу книжевни признанија, Манеа е еден од најрепрезентативните гласови на современата романска книжевност. Збирката новели Задолжителна среќа е егземпларен пример на врвно дело во кое политичкото, реалното и трагичното се испреплетуваат со апсурдното, гротескното и бизарното.

Писател во егзил кој најголем дел од својот живот творел во специфични историски и културни услови, често цензуриран и забрануван во неговата родна земја, Манеа е мајстор на атмосферата, често споредуван со Кафка и Гогољ.  Задолжителна среќа, преку контрасти и необични детали, создава слика за животот во една гротескна полициска држава, за политичките и личните драми, изразувајќи ги и теророт и надежта истовремено, и стравот и солидарноста, и хумористичната тривијалност на секојдевното и болната потрага по идеал. Иако пишува користејќи го локалниот претекст, четирите новели во збирката добиваат општочовечко, универзално значење и симболика опишувајќи ја човековата потрага по смисла, вечната борба меѓу доброто и злото и силината на човековиот непокор.

Едицијата ќе ја сочинуваат книги од различни делови од Европа и во следниот период на македонски ќе излезат: Експеримент на Мирто Азина Хрониди (Кипар), Цена на водата во Финистер од Бодил Малмстен (Шведска), Подвижен хоризонт од Даниел Дел Џудиче (Италија), Меланхолија на отпорот од Ласло Краснахоркај (Унгарија), 2666 од Роберто Болањо (Шпанија) и Пурпурни и бели цветови од Мишел Фабер (Холандија).

Оваа едиција ќе им понуди на читателите едно ново, свежо, поинакво читателско искуство, нудејќи книжевна слика за разноводноста и богатството на Европа. Нека започне книжевното патување!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП