20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСириза: Грција нема да му плати на ММФ ако не се постигне...

Сириза: Грција нема да му плати на ММФ ако не се постигне договор

Image (21)

Грција нема на 5-ти јуни да ја исплати ратата од долгот кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), доколку наскоро не биде на повидок договорот со меѓународните доверители, изјави во средата портпаролот на владејачката коалиција на радикалната левица Сириза.

Ратата од 300 милиони евра којашто доаѓа за наплата во петок, е само првата од четирите рати во вкупна вредност од 1,6 милијарди евра коишто Грција мора да му ги исплати на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во текот на јуни, и покрај тоа што е на работ од банкротот и можното излегување од еврозоната.

Грција должи вкупно 320 милијарди евра, од коишто околу 65 отсто на ММФ и на владите на земјите членки на европската монетарна унија (еврозоната), а 8,7 отсто е долг од Европската централна банка (ECB).

Во вторникот владата во Атина објави дека на меѓународните кредитори им ги испратила целиот план, и ги повика да бидат реални и да го прифатат планот за да се одмрзне последната транша од актуелниот пакет за меѓународната финансиска помош на Грција, пред таа да банкротира.

„Доколку нема изгледи да се постигне договор до петок или до понеделник, не знам до кога точно, нема да платиме“, изјави во средата портпаролот на Сириза, Никос Филис.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во средата за должничката криза би требало да разговара со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер. „Испративме реалистичен за излегување на Грција од кризата. Реалистичен план кој, доколку го прифатат институциите, нашите кредитори и партнери во Европа ќе значи крај на поделбите во Европа“, изјави Ципрас откако ги испрати грчкиот предлог со реформи.

Аналитичарите оценуваат дека грчкиот предлог претставен во вторникот претставува „превентивен потег“ за да се избегне предлогот на кредиторите според принципот „земи или остави“, а на грчките избирачи да им се прикаже дека и Атина нешто предлага. Сириза дојде на власт инаку кон крајот на јануари на предвремените парламентарни избори со ветувањето дека ќе преговара за нов пакет надворешна финансиска помош со кој нема да бидат применувани непопуларните мерки за строго штедење.

Засега е нејасно дали во предлогот за реформите коишто ги бараат грчките партнери се наоѓаат и одговорите на клучните прашања, како што се реформите на пензискиот систем и на пазарот на трудот, фискалните цели и јавните служби, коишто доминираа во тешките преговори изминатите четири месеци. Од Европската комисија изјавија дека преговарачите размениле многу документи, што е „добар знак“. Разговорите со Грција продолжуваат и „договорот уште не е постигнат“, додадоа. Извори блиски на преговорите брифираа за медиумите дека нема отстапки од Брисел во врска со клучните прашања.

Германската канцеларка Англеа Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд имаа состанок до доцна ноќта кон вторникот во Берлина во моментите на големата несигурност во врска со исходите од преговорите со Грција околу решавањето на нејзината должничка криза. На состанокот присуствуваа и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, како и Беноа Порите, челникот на ткн Европската тркалезна маса на најмоќните индустријалци.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП