17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААзиските инвеститори претпазливи, доларот и натаму јакне

Азиските инвеститори претпазливи, доларот и натаму јакне

aziski-berzi

На азиските берзи цените на акциите денес паднаа, а инвеститорите се внимателни бидејќи макроекономските показатели од најголемите светски економии, не се импресивни, додека американската валута продолжува да расте.

На берзата во Токио индексот Nikkei во претпладневното тргување беше во негатива од 0,2 отсто, а доколку до крајот на трговскиот ден остане така, тоа ќе биде неговиот прв пад по 12 дена постојан раст. Цените на акциите во Шангај, Хонгконг, Австралија, Јужна Кореја и Сингапур, пак, паднаа меѓу 0,1 и 1,3 отсто, па MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, претпладнето беше во минус.

Азиските вложувачи не беа охрабрени од растот на цените на акциите на Волстрит во понеделникот, бидејќи најновите макроекономски податоци не најавуваат брзо заздравување на американската економија по падот во првиот квартал од 0,7 отсто на годишно ниво. Ниту азиските економии не се во најдобра кондиција, па на инвеститорите им недостига поттик за купување акции. Оттаму, во вторникот се тргува претпазливо.

А на валутните пазари американскиот долар продолжува да јакне бидејќи во САД до крајот на годината се очекува зголемување на каматните стапки, додека повеќето централни банки во другите најголеми светски економии уште извесно време ќе водат лабава монетарна политика.

Така, во однос на јапонската валута, курсот на доларот во вторникот претпладне се движи околу 124,60 јени, а во еден момент првпат по 12,5 години, се проби над нивото од 125 јени. Во понеделникот во истиот период од тргувањето изнесуваше 124,15 јени. Американската валута зајакна и во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0930 долари, додека во понеделникот во истиот период изнесуваше 1,0960 долари.

Еврото е под притисок, бидејќи уште нема одговор за натамошното финансирање на Грција за да го избегне банкротот, кој може да следи доколку Атина нема да има доволно средства за исплата на ратите од кредитите кон ММФ во петок. Функционери на еврозоната, на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Европската централна банка (ECB)м Европската комисија и Грција се договорија доцна ноќта кон вторникот дека следните денови ќе работата на решавање на грчките должнички проблеми.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП