6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаврши реконструкцијата на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов – пуштена третата делница

Заврши реконструкцијата на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов – пуштена третата делница

teodosij55

Третата делница од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов на потегот од крстосницата со булеварот 8.Септември до улицата Московска, во вторник свечено беше пуштена во употреба.

„Проширувањето и реконструкцијата на третиот дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов е уште еден капитален проект на Градот Скопје којшто ќе овозможи побезбедно одвивање на сообраќјот, намалување на метежот и скратување на времето на патување“, рече на свеченоста скопскиот градоначалник Коце Трајановски.

Со проширувањето, на оваа делница од булеварот, долга 1.600 метри, се формирани четири коловозни ленти, по две во секоја насока. Делницата е асфалтирана на вкупна површина од 19.500 квадратни метри и обележана.

Од двете страни на проширениот коловоз се изградени тротоари со ширина од по 3,5 метри, со вкупна површина од 9.550 квадратни метри, коишто се покриени со павер-елементи. Градежните работи на третиот дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов беа искористени за да се постави нова атмосферска канализација со вкупна должина од 1.493 метри и профил од 200, 400, 600 и од 1.200 милиметри.

На терен е извршена и реконструкција на постојната фекална мрежа, при што на должина од 226 метри се поставени цевки со профил од 600 и 300 милиметри. Извршена е и заштита на гасоводната цевка со профил од 400 милиметри.

На проширување и реконструкција на третиот дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов работеа градежниците на Трансмет ДОО Скопје. Градот Скопје за овој обемен проект потроши околу 81 милион денари.

Третиот дел од проширениот булевар Митрополит Теодосиј Гологанов го осветлуваат 82 столба за улично осветлување на коишто се поставени 108 светилки со моќност од 250 W. На осветлување на новореконструираната делница работеа екипите на фирмата „Магнус Инжинеринг“, а за овој зафат Градот Скопје одвои околу 11,6 милиони денари.

Вкупната вредност на проектот за проширување и реконструкција на третиот дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов изнесува 92,6 милиони денари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП