18 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИВодечката бугарска шпедитерска фирма се претстави во Македонија

Водечката бугарска шпедитерска фирма се претстави во Македонија

sped1121

Водечката бугарска шпедитерска фирма од Бугарија „Деспред“, со 60-годишна традиција и искуство, се претстави во вторникот во Стопанската комора на Македонија пред повеќе од 30 претставници од дваесетина македонски компании.

„Компанијата „Деспред“ е водечка шпедитерска фирма од Република Бугарија со долгогодишна традиција и искуство. Седиштето на компанијата е во Софија, со широко развиена инфраструктурна мрежа на територијата на Република Бугарија и со регионални канцеларии во сите позначајни пристаништа и гранични премини. Таа е членка на Меѓународниот сојуз на шпедитерски здруженија (FIATA) од 1967 година, на Меѓународното здружение на авионски превозници (IATА) и е членка на Здружението на шпедитери на Бугарија (NSBS) и на Бугарската трговско-индустриска комора (BCCI). Во рамките на компанијата се вршат превозни услуги, шпедитерски услуги, царина, складирање и други дополнителни услуги со прометот на стоки“, рече Љуба Младенова, проектен менаџер на „Десперд“.

Огњан Рајчев и Росан Василев, директори на пристаништата во Бургас на Црно Море и Лом на Дунав, ги презентираа нивните можности.

Пристаништето во Бургас се наоѓа на крстосница на повеќе коридори. Преку него се врши превоз на 400.000 тони различни товари. Имаме сериозни проекти за развој кои се во насока на воведување современи тенденции во логистиката, – истакна Рајчев.

Росан Василев спомена дека Пристаништето „Лом“ на Дунав е на 162 километри од Софија и е извонредно поврзано со патна и железничка инфраструктура, а неговото користење од година во година се зголемува.

Јадранка Аризанковска, виш советник во Стопанската комора на Македонија истакна дека Македонија има стратешки интерес за поинтензивно развивање на стопанската и трговската соработка со Бугарија.

„Подобрување на инфраструктурата, воспоставување директни авионски и железнички врски, зголемување и забрзување на проодноста на стоките на границите, олеснување на административно царинските процедури се прашања на кои треба да работиме за да се зголеми обемот на трговската размена. Коридорот 8 со години наназад претставува голем интерес за Македонија поради поврзувањето со Црно Море, од Турција како дел од Европа и Азија, и преку Албанија до Јадранското Море“, рече Аризанковска.

Вкупната трговска размена меѓу Република Македонија и Република Бугарија во првите два месеца од годинава изнесува 92,9 милиони долари што претставува пад од 7,86% споредено со истиот период од минатата година. Извозот изнесува 43,9 милиони долари што претставува намалување од 6,7%, додека увозното салдо изнесува 48,9 милиони долари, или намалување од 9,2% во споредба со истиот период од минатата година.

Минатата година, пак, размената меѓу двете земји изнесувала 709,3 милиони долари што претставува раст од 2,69% споредено со претходната 2013 година. Во размената е остварен трговски дефицит на македонска страна во висина од 56 милиони долари.

Република Бугарија е шести трговски партнер на Република Македонија во 2014 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП