6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМетар квадратен градежно земјиште во Охрид чини 50 евра

Метар квадратен градежно земјиште во Охрид чини 50 евра

akademik9

Нешто повеќе од 50 евра треба да одвоите за метар квадратен земјиште во Охрид, доколку сакате да градите таму, а за метар квадратен готов објект во Штип потребни се околу 500 евра, покажува Регистарот на цени и закупнини на недвижностите, што пред два месеци го пушти во употреба Катастар на недвижности.

Во овој регистар се запишуваат цените на сите купопродажби и закупи на недвижностите во Република Македонија како и други атрибути поврзани за недвижноста а кои имаа влијание на нејзината цена.

До денес сите физички или правни лица кои сакале да купат или продадат имот или да дадат или земат по закуп недвижен имот се соочуваа со проблемот на недоволна количина на податоци и информации за цените од пазарот на недвижности и истите се потпираа на несигурни и неофицијални податоци од луѓе или правни лица кои купувале или продале имот.

„Од денес Пазарот на недвижности во Република Македонија станува транспарентен. Агенцијата за катастар на недвижности на својата Веб страна преку ГИС ПОРТАЛОТ започнува со јавно објавување на цените на сите купопродажби и закупи запишани во Регистарот на цени и закупнини“, рече директорот на Катастарот Славчо Трпевски.

Во период од два месеца во воспоставувањето на регистарот на цени и закупнини се обработени преку 5000 трансакции. Според статистиката која ја овозможува овој Регистар највисока трансакција во овој периодот од 16.03.2015 до денес се случила на територијата на Охрид и истата изнесува 74.261.000 денари. Се работи за купопордажба на објект во Охрид со површина од 6751 м2. Во Охрид просечната цена на м2 земјиште во градот изнесува 3561 денар, додека во околината на Охрид изнесува 358 денари за метар квадратен. Просечната цена на м2 за објект во Штип изнесува 30.384 денари, или за референтен објект од 77 квадрати во Штип цената би изнесувала 2.339.568 денари. Во Скопје, во општина Карпош е постигната просечна цена од 58.097 денари за м2 за објект, додека во општина Кисела Вода 2 истиот има просечна вредност од 49.136 денари.

Што се однесува до закупите најголема вредост е постигната во Скопје, во катастарската општина Центар 2. Се работи за деловен простор со површина од 287м2 и месечна закупнина од 411.335 денари. Што се однесува до бројот на закупите најголем број на закупи од досега обработените се случиле на територијата на катастарската општина Центар 1, односно 116 закупи со постигната просечна цена по метар квадратен од 449 денари, односно за референтна недвижност од 69 м2 месечниот закуп би изнесувал 30877 денари месечно. Во Кисела Вода 2 м2 закуп на објект просечно изнесува 298 денари, додека во Охрид закуп на м2 на објект изнесува 397 денари.

Сите овие податоци дополнети со детални анализи ќе бидат дел од извештаите за движењето и трендот на цените на недвижностите и закупите кои Агенцијата за катастар на недвижности ќе ги објавува два пати годишно.

Покрај граѓаните од овој регистар голема полза ќе имаат и огромен број институции и приватни бизниси.

„За таа цел денеска потпишавме и Меморандум за соработка со Комората на проценувачи на Република Македонија, со која ќе воспоставиме и база на проценки на недвижностите во Република Македонија“, додаде Трпевски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП