Главните индекси на европските берзи стагнираа во средата, откако претходниот ден достигнаа највисоки нивоа за последните три месеци, со оглед дека инвеститорите решија да здивнат.
Околу пладне франкфуртски DAX беше во минус 0,2 отсто, на 11.829 поени, а париски CAC за 0,25 отсто, на 5.104 поени, додека лондонски Ftse индекс беше во плус 0,07 отсто, на 6.999 поени.
Во фокусот на инвеститорите се најдоа акциите на финансиските институции, откако швајцарската UBS објави дека постигна спогодба со американските власти околу обвинувањата за наводни манипулации на валутните пазари, согласувајќи се да плати 545 милиони долари, признавајќи ја вината околу една измама во одвоен случај. Акцијата на UBS поскапе 2 отсто.
А изјавата на претседателот на управата на Liberty Global John Malone дека спојувањето со британски Vodafone би било добра работа, поттикна скок на цената на акцијата на Vodafone за четири отсто.