24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПреку нови проекти до функционална патна инфраструктура за конкурентен бизнис

Преку нови проекти до функционална патна инфраструктура за конкурентен бизнис

stopanskakomora2

Македонија да се прилагоди на новонастанатите состојби во интегрираната сообраќајна мрежа и да не настапува по секоја цена со проекти што биле атрактивни пред десет или 20 години. Потребен е интензивен настап со проекти со кои што поскоро ќе се подобри патната инфраструктура, што е клучно барање на бизнис заедницата за брз и ефикасен транспорт во интерес на конкурентноста.

Тоа се дел од оценките изнесени на конференцијата „Конективна Европа – одговор од ЦЕФТА регионот“, што се одржа во Скопје во организација на Стопанската комора на Македонија.

– Не треба да останеме на некои проекти што се долгорочни,  а за  чија реализација се променија многу услови во регионот. Македонија уште тапка со тие идеи, а во опкружувањето се случија многу работи. Мора да се прилагодиме на новонастанатите  состојби во интегрираната сообраќајна мрежа, изјави Вулнет Палоши, професор  по инфраструктура на Државниот универзитет во Тетово.

Предлага на просторниот план на Македонија да се направат дополнувања со краткорочни решенија, кои во период од пет до десет години би фатиле чекор со функционалните транспортни мрежи.

– Веќе не сме главна крстосница на Балканот како пред десет до 20 години во сообраќајна смисла. Коридорот 8 што беше интересен за градба пред десет години, денес веќе не е интересен и концесионерите не се јавуваат, рече Палоши и додаде дека за Коридорот 8 се потребни нови решенија со други варијанти, како проширување со трета или четврта лента, а не автопатско решение што било интересно пред десетина години.

Железницата, според него, е проект што можеби ќе заживее по 20-ина години затоа што процедурата за изготвување физибилити студии не може да се скрати.  Сега веќе треба да се приклучиме кон другите за да не го изгубиме чекорот и за наредните 20 години, укажува Палоши.

Според Тобијас Бауман од Германската трговска комора, квалитетната инфраструктура  е многу важна за германските и за останатите инвеститори.

Покрај политичката стабилност, географската близина до клучните европски пазари, трошоците за производство и административните  процедури,  укажува Бауман,  во услови на се посилна конкуренција, транспортот и логистиката се голем предизвик.

Мартин Клауке, раководител на Оддел за оперативни работи при делегацијата на ЕУ, смета дека  меѓу најважните проекти за Македонија е довршувањето на автопатската мрежа на Коридорот 10. Европската унија, најави, ќе продолжи со поддршка на проекти преку ИПА, а веќе се користат 130 милиони евра за различни проекти претежно во областа на железничкиот и патниот сообраќај за коридорите 8 и 10.

– Моментно се подготвува Инструментот за предпристапна помош за периодот од 2014 до 2020, кој ќе опфаќа сличен износ на средства. Се уште ги немаме точните бројки, но ќе продолжиме да ја поддржуваме патната инфраструктура. Можеби ќе се смени  малку  фокусот на нашите системи и ќе ги поддржуваме поголемите проекти како коридорите 8 и 10, со поголема поддршка на инвестициската рамка на Западен Балкан и ќе има поактивно мешање на нашите фондови со националниот буџет и со останати средства од меѓународни институции. Ќе се стави поголем акцент и на инфраструктурата на локално и регионално ниво,  рече Клауке.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески порача дека Владата останува посветена на  најважната цел, да инвестира во модерен, безбеден, добро одржлив и интегриран транспортен систем, прилагоден на потребите на земјата, граѓаните и регионот.

Пред учесниците на конференцијата ги претстави досегашните и идните активности на тој план, посочувајќи дека на Коридорот 10 веќе се гради последната делница за заокружување на автопатското решение, што ќе биде завршено до 2016 година. Се работи и на проекти за изградба на патиштата на Коридорот 8, каде се завршени 36 проценти од патната инфраструктура на ниво на модерен автопат. Паралелно со тоа, како што рече, веќе се работи и на подобрување на железничкиот транспорт и инфраструктура,  за поврзување со Бугарија и Албанија.  За завршување на градежните активности на западната делница од Коридорот 8 се потребни  околу 550 милиони евра, а за источната 530 милиони евра. За железничкиот дел од Коридорот 10, пак, се обезбедени 17 милиони евра за ремонт на 54 километри од железниќката пруга.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП