Извештајот на „OECD“ (Organisation for Economic Co-operation and Development) покажува дека Австралија има најдобро минимално плаќање за работници. Во извештајот се вклучени 27 држави кои имаат одобрен национален минимум на плата.
Минимумот е највисок во Австралија – 15.96 австралиски долари на час, што по даноци прави 9.54 долари.
„Во Австралија има високо ниво на минимална плата и ниска даночна стапка. Во земјата помагаат нископлатените работници со помал даночен товар“, вели Хервиг Имервол, автор на извештајот.
Други држави исто така имаат високо минимално плаќање на час, но даноците се поголеми и работниците добиваат помалку од Австралијците.
САД се на 11-то место во рангирањето со 7.25 долари. По даноци, работниците земаат 6.26 долари на час. Извештајот на „OECD“ покажува дека еден Австралиец, кој работи на минимална плата и има две деца, може да работи само 6 часа неделно, за да биде над границата на сиромаштијата, бидејќи ќе добива и помош. Во САД истиот тој работник треба да работи 50 часа неделно, за да стои над прагот на сиромаштијата, а во Чешка – 79 часа.
8 држави од „OECD“ не се вклучени во истражувањето, бидејќи немаат закон за минимална плата. Меѓу нив се Финска, Шведска и Швајцарија. Кај некои од овие држави има силни синдикати кои договараат добри работни услови за работниците и нема потреба владата да се меша во регулациите.
Еве кои земји имаат највисока минимална плата:
1. Австралија – 9.54 долари на час
2. Луксембург – 9.24 долари на час
3. Белгија – 8.57 долари на час
4. Ирска – 8.46 долари на час
5. Франција – 8.24 долари на час
6. Холандија – 8,2 долари на час
7. Нов Зеланд – 7.59 долари на час
8. Германија – 7.19 долари на час
9. Канада – 7.18 долари на час
10. Велика Британија – 7.06 долари на час
Меѓу земјите со најниски минимални плати се Латвија, Чиле и Мексико, каде минималната плата на час е околу 1 долар.