Цената на сировата нафта падна во понедeлникот на светските берзи под ниво од 65 долари со оглед дека сигналите за закрепнување на американското производство на нафта од шкрилци одново ја поттикна загриженоста поради прекумерно снабдување.
На лондонската берза цената на барел сирова нафта за испорака во јуни падна за 44 центи во однос на претходното затворање, на 64,95 долари. На американската берза со барелот се тргува по 35 центи пониска цена, од 59.04 долари.
Нафтените пазари ги притискаа извештаите за зголемена понуда на физичкиот пазар, сигналите за раст на производството на нафта од шкрилци во САД и можното зголемување на производството на OPEC, толкуваат аналитичарите на Morgan Stanley.
Американските производители прв пат оваа година го зголемија бројот на активни ископини во басенот Пермиан. Вкупниот број на активни ископини сепак падна 22 недела по ред, иако во изминатите недели падот забавува.
„Се повеќе не загрижува односот на понудата и побарувачката во втората половина од 2015 и во 2016 година“, предупредуваат од Morgan Stanley.
Притоа аналитичарите ја истакнуваат се поголемата разлика помеѓу терминскиот пазар, која од јануари се зголемила над 40 отсто и прекумерно снабдениот физички пазар.
Во фокусот оваа недела ќе биде месечниот извештај на Меѓународната агенција за енергија, поради сигналите за евентуално закрепнување на глобалната побарувачка.
Податоците објавени во петокот покажаа дека Кина во април го претекна САД и ја зазеде позицијата најголем светски увозник на нафта на светот, користејќи го периодот на пониски цени за да ги наполнат залихите.