2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНБРМ ја задржа прогнозата за раст од 4,1 отсто

НБРМ ја задржа прогнозата за раст од 4,1 отсто

nbrm1111

Народната банка на Република Македонија денес соопшти дека ги задржа непроменети оценките за економскиот раст за 2015 година од 4,1 отсто и за 2016 година од 4,5 отсто, додека изврши надолна проекција за инфлацијата на 0,5 отсто.

Растот во оваа и наредната година во најголем дел ќе се должи на релативно силниот позитивен придонес на инвестициите, на извозот и, во помал дел, на растот на личната потрошувачка, се вели во соопштението на НБРМ.

Засилениот раст на извозот и натамошниот раст на сите компоненти на домашната побарувачка ќе условат раст на увозот при што нето извозот би имал негативен придонес.

Надолната ревизија за движењето на инфлацијата во 2015 година се должи на појдовни услови и надолни поместувања кај дел од надворешните претпоставки.

НБРМ очекува постепено нормализирање на инфлацијата на околу 2% во 2016 година, што е во линија на октомвриските очекувања, движено од закрепнувањето на побарувачката и странската ефективна инфлација.

Солидниот кредитен раст се очекува да продолжи и во 2015 година да достигне 9%, а во 2016 година 10%.

Последните оцени за билансот на плаќања упатуваат на дефицит во тековната сметка од 1,6% за 2015 година којшто ќе се прошири на 3,1% во 2016 година. Ваквото зголемување првенствено е поради очекувањата за влез на нови странски инвестиции во извозно-ориентираниот сектор што би се одразило на инвестицискиот увоз.

Во првиот квартал на 2015 година Народната банка ја задржа основната каматна стапка непроменето на нивото од 3,25%, при што досегашното монетарно олабавување беше оценето како доволно.

Девизните резерви забележаа пад на квартална основа што во најголем дел се должи на предвремената отплата на кредитот од Кредитната линија за претпазливост на ММФ.

На денешната седница, Советот го усвои и Стратегискиот план на НБРМ за периодот 2016-2018 година.

Определбата за одржување ниска и стабилна инфлација преку стратегијата на одржување стабилен курс на денарот во однос на еврото, одржувањето на финансиската стабилност како составен елемент на макроекономската стабилност и предуслов за остварување економски раст и просперитет, ќе бидат главен стожер на активностите на Народната банка.

Во таа насока, ќе се продолжи со развојот и усовршувањето на активностите во областа на монетарната политика и поддршката на финансиските пазари, управувањето со девизните резерви, одржувањето на финансиската стабилност, издавањето и управувањето со книжните и кованите пари, платните системи, статистиката и истражувањата, се вели во соопштението.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП