Стапката на невработеност во Грција во месец февруари се намали на 25,4 од 25,6 проценти во претходниот месец, соопшти вчера грчкиот Завод за статистика.
Февруарската стапка, која се базира на сезонски прилагоденитe податоци, е најниска од јули 2012 година, кога невработеноста изнесуваше 25,3 проценти, а рекордно високо ниво од 27,9 проценти беше забележaно во септември 2013 година, пренесува Ројтерс.
Невработеноста се намали од рекордно високото ниво минатата година благодарение на стабилизацијата на економијата по повеќегодишните турбуленции, но и понатака е двојно повисока во однос на февруарскиот просек во еврозоната од 11,3 проценти.
Грчката економија која минатата година порасна за 0,7 проценти, би требало да напредува 0,5 проценти во 2015 година, прогнозира Европската комисија. Новата прогноза е за цели два проценти пониска во однос на февруарската. Во 2016 година економскиот раст би требало да забрза на 2,9 проценти.
ЕК наведува дека прогнозата за Грција е подложна на бројни фактори на неизвесност, бидејќи позитивниот моментум од крајот на минатата година, кога оваа земја излезе од рецесија, е завршен.
ЕК додава дека претходната прогноза со која е предвиден економски раст од 2,5 проценти во Грција била врз основа на претпоставката дека таа земја ќе постигне договор со кредиторите до крајот на јуни, кога истекува тековната програма за помош.