3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСе отвора фабриката на холандската компанија „Антхура“ во Кочани

Се отвора фабриката на холандската компанија „Антхура“ во Кочани

anthura

На свеченото отварање на новоизградената фабрика „Антхура“ на холандскиот инвеститор во Кочани, денес ќе присуствуваат министерот без ресор Веле Самак и претставниците на мултинационалната холандска компанија „Антхура Интернатионал БВ“ заедно со премиерот на Владата, Никола Груевски и други високи претставници од владата и локалната самоуправа.

Првичните контакти со холандската мултинационална компанија „Антхура Интернатионал БВ“ беа остварени во октомври 2012 година за веќе една година подоцна компанијата да донесе одлука за инвестирање во Македонија. Ваквата одлука беше донесена во услови на силна конкуренција од земјите во поширокиот регион, а како резултат на севкупните напори на сите вклучени институции, информираа од владата.

Според деловниот план, холандската компанија ќе инвестира над шест милиони евра и ќе вработи повеќе од 300 граѓани во кочанскиот регион за инвестиција во фабрика со најсовремена технологија за производство на орхидеи и украсни цвеќиња наменети за глобалниот пазар. „Антхура МК“ започна со градба на фабриката во декември 2013, а веќе од оваа година има тековно пробно производство и 150 вработени лица.

„Ова е уште еден пример на отворање работни места преку нови фабрики како резултат на огромните напори за привлекување на странски фирми во Македонија. Особено задоволство ми е што оваа фабрика ќе произведува украсни орхидеи преку врвна технологија и висока додадена вредност во Македонија“, истакна министерот Веле Самак.

Компанијата „Антхура интернатионал Б.В.” е холандска компанија која е брзо растечка и позиционирана во врвот на компаниите од хортикултурната индустрија на глобално ниво, особено во делот на цвеќарството т.е флорикултурата. Таа е компанија број еден во светот за одгледување и размножување на антуриуми и е меѓу најдобрите за орхидеи. Компанијата има годишен обрт од над 50 милиони евра, и производни локации во Холандија, Германија и Кина во кои има вкупно над 700 вработени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП