Дел од домовите во Брусничко-лавчанска населба и населбата „Недопирливи“ добија специјални садови за одлагање на пластичниот отпад, кои Јавното претпријатие „Комуналец“ ги додели бесплатно, со цел да се очува животната средина. По минатогодишните 500, ова се нови 500 канти наменети за индивидуалните домаќинства во градот.
Со цел да се одговори на европските предизвици за почиста животна средина, во Брусничко-лавчанска населба и во населбата „Недопирливи“, во средата беа донирани 500 нови канти за собирање пластика, наменети за индивидуалните живеалишта, и на тој начин да се даде придонес за што почиста средина. Минатата година беа поставени 500 канти за собирање пластика за индивидуалните домаќинства, како и контејнери за станбените колективи.
„Се селектира пластиката во жолтите канти, во зелените органскиот отпад, така што се добива подобра слика за градот, што впрочем се потврдува и со доаѓањето на странските туристи кои коментираат за чистотата на градот“, рече битолскиот градоначалник Владимир Талески.
Специјалните садови за селектирање на отпадната ПЕТ пластика се донација од „Пакомак“, друштво кое управува со отпад од пакување.
„Треба да се знае дека доколку пластиката се носи на отпади, каде што често доаѓа до самозапалување, таа ако гори испушта отровни и канцерогени материи штетни за сите нас, затоа граѓаните треба да ги користат ваквите наменски канти“, рече директорот на ЈП Комуналец, Зоран Соклевски.
Вредноста на бесплатно донираните специјални садови за селектирање на пластиката е милион денари, а на големите контејнери кои се поставени пред колективните згради, е два милиона денари.