Кипар ниту оваа година нема да излезе од тригодишната рецесија, покажуваат најновите пролетни предвидувања на Европската комисија.
Иако рецесијата на Кипар изгуби на интензитет, Комисијата тврди дека бруто домашниот производ (БДП) на Кипар оваа година ќе падне за 0,5 проценти, за во 2016 година да оствари раст од 1,4 проценти, пренесува агенцијата Франс прес.
Во минатата година, економијата на Кипар потонала за 2,3 проценти, што сепак, е помалку во однос на падот од 5,4 проценти во 2013 година.
Стапката на невработеност, според проценката на Комисијата, ќе се задржи на високите 16,2 проценти во оваа година, за наредната да се намали за еден процент.
„Иако расположливите показатели за економската активност на Кипар од почетокот на 2015 година укажаа на подобрување на интензитетот на економскиот раст, се очекува дека економијата на Кипар нема да оствари раст пред 2016 година“, соопшти ЕК.
Во замена за добивање на меѓународна помoш, Кипар во март 2013 година се согласи на остри мерки за штедење, како намалување на депозитите во банките и реконструкција на „надуениот“ финансиски сектор, потсетува Франс прес.