Цените на акциите денеска пораснаа на повеќето европски берзи, пред се благодарение на банкарскиот сектор, по подобрите од очекувани квартални деловни резултати на швајцарската „UBS“.
FTSEurofirst индексот на 300 водечки европски акции околу 12,00 часот беше во плус 0,5 отсто.
Лондонски FTSE индекс истовремено беше во плус 0,65 отсто, на 7.031 поен, додека франкфуртски DAX зајакна 0,50 отсто, на 11.681 поен, а париски CAC се зголеми 0,60 отсто, на 5.111 поен.
Меѓу најголемите добитници, со скок на цената од 4,5 отсто, беше акцијата на UBS, откако швајцарската банка извести за најголема квартална добивка за речиси пет години. Тоа го поттикна целокупниот банкарски сектор.
Цените на акциите на Атинската берза, пак, паднаа за над два отсто поради неизвесноста во врска со грчките должнички проблеми.
И покрај одредено поместување во преговорите помеѓу Грција и нејзините кредитори од ЕУ и ММФ и натаму постои голема разлика во мислењата какви реформи се потребни на подрачјата пензии и пазарот на труд.
Без договор за комплетен план за веродостојни реформи, Грција нема да добие нова траншна помош со која би избегнала банкрот и излегување од еврозоната.
„На Грција навистина и истекува времето, се укажува на тоа дека оваа недела треба да биде постигнат договор. Грција ќе има проблеми да го исплати доспеаниот кредит на ММФ, а ММФ не планира да попушти во своите барања“, вели Џереми Батстон-Кер, аналититчар во компанијата Charles Stanley.