26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНБРМ: Банките стабилни, инфлацијата забавува, девизните резерви растат

НБРМ: Банките стабилни, инфлацијата забавува, девизните резерви растат

nbrm1

Амбиентот за водење на монетарната политика во феруари е стабилен. Ликвидноста на банкарскиот сектор се одржуваше стабилно и на соодветно ниво и забележано е зголемено кредитирање на нето-извозниците и за фирмите за производство на електрична енергија.  Инфлацијата бележи забавување, а девизните резерви од почетокот на годината раст.

Ова е констатирано на Комитетот за оперативна монетарна политика, на кој што беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари во текот на февруари 2013 година.

Како што соопшти Народна банка на Република Македонија, движењата на домашните пазари на пари беа стабилни и се карактеризираа со активно тргување со депозити, хартии од вредност и девизи. Банките активно ги користеа расположливите монетарни инструменти и флексибилно управуваа со ликвидноста. Воедно, најновите промени кај задолжителната резерва почнаа да придонесуваат за зголемено одобрување кредити за нето-извозниците и за фирмите за производство на електрична енергија, така што во изминатите два месеци банките вкупно одобриле нови кредити за овие сектори во износ од околу 1.100 милиони денари.

Податоците за инфлацијата за февруари 2013 година покажуваат натамошно забавување на инфлацијата, при што годишниот раст на ценовното ниво во првите два месеца е малку побавен во споредба со последните проекции. Ризиците околу проектираната стапка на инфлација и понатаму се оценуваат како надолни. Сепак, динамиката на раст на базичната инфлација е побрза од очекувањата, покажувајќи веројатно поголеми преносни ефекти од првично оценетите. Девизните резерви од почетокот на годината бележат раст, што упатува на поволна позиција на билансот на плаќања. Растот на девизните резерви е поддржан од приливите на државата врз основа на надворешно задолжување, како и од интервенциите на НБРМ на девизниот пазар, каде што движењата се релативно стабилни. Динамиката на раст на девизните резерви е во согласност со очекувањата, при што тие и понатаму се одржуваат на адекватното ниво и се доволни за апсорбирање на евентуалните неповолни шокови. Првичните податоци за кредитниот пазар за февруари покажуваат слаба кредитна активност, сигнализирајќи ја воздржаноста на банките, во услови на присутни ризици во реалниот сектор. Расположливите показатели за економската активност, исто така, засега не упатуваат на поголемо подобрување на состојбата во реалниот сектор.

Оцената на постојните економски и финансиски услови во економијата, покажува релативно поволни движења од монетарен аспект. Сепак, ризиците во спроведувањето на монетарната политика и понатаму се присутни. Тие се однесуваат на динамиката на базичната инфлација, но и на се уште неповолниот надворешен амбиент кој може да има ефекти врз проектираната патека на девизните резерви. Во вакви услови на присутни ризици, но и во услови кога се очекуваат ефекти од веќе извршеното монетарно олабавување, монетарната поставеност е оценета како соодветна, се наведува во соопштението.

Имајќи ги предвид најновите макроекономски, финансиски и пазарни показатели, на седницата на Комитетот е одлучено максималната каматна стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 3,5 проценти, а на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на достасаниот износ  од 24.020 милиони денари).

Народната Банка наведува дека, и во понатамошниот период ќе ги приспособува монетарните услови во согласност со движењата во економијата и оценетите идни ризици, а со цел да се одржи ниска инфлација преку стабилноста на девизниот курс и високата доверба во домашната валута.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП