ЕКОНОМИЈА

Кина ќе ги заштитува приватните компании што инвестираат во инфраструктура

china2

Кина воведе нови правила за да ги заштити приватните инвеститори во комуналните и инфраструктурните проекти, што би требало да помогне за понатамошен раст на економијата.

За да ги охрабри инвеститорите, кинеската Комисија за развој и реформи, отвори можност за приватниците за инвестирање во редица големи инфраструктурни проекти.

Приватниците сега можат преку франшизи да вложуваат во енергетскиот сектор, транспортот, заштитата на водите и околината и градската комунална инфраструктура.

Кинеската Влада ќе ги поттикне банките да понудат различни модели на финансирање на ваквите проекти, а предвидени се и долгорочни кредити до 30 години.

Кина се сврте кон приватните инвестиции во инфраструктурата, откако во претходниот период локалните управи насобраа огромни долгови, инвестирајќи во разни, често и неисплатливи проекти, само за да го поттикнат економскиот раст.