20 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИДимовски: „Винеа“ не ги исплаќа лозарите со соодветна динамика

Димовски: „Винеа“ не ги исплаќа лозарите со соодветна динамика

dimovski23

Винарската визба „Винеа” почна со исплата на грозјето од реколтата 2009, 2010 и 2011, тоа е добар чекор, но динамиката не е соодветна, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски по денешната посета на росоманското село Трстеник каде почна да се гради нова винарска визба.

– Крајниот рок за исплата на грозјето од 2012 година е 30 април. За претходните години исплатата требаше да заврши до 5 март. Имаше тешкотии околу обезбедувањето на финансиските средства, такви се моите информации од винарската визба. Во контакт сум со претставниците на лозарите кои потврдуваат дека исплатата почнала. Сега динамиката треба да се забрза, истакна Димовски, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој очекува договореното меѓу лозарите и претставниците на „Винеа” да се испочитува во целост. Во спротивно, нагласи, ќе се преземат соодветни мерки.

Министерот уште еднаш порача дека е особено важно лозарите и винарите да склучуваат договори за соработка.

Новата винарска визба во село Трстеник ќе има капацитет од 10,5 милиони литри вино. Кон крајот на август ќе се произведат првите количини.

– Оваа година планираме да произведеме само црвено вино во наливна состојба. Проекциите се околу 15 до 20 илјади шишиња за домашен пазар, за промоција. Со флаширање ќе почнеме за една до две години, изјави директорот на акционерското друштво „Гоце Делчев-Тиквеш“ Ристо Милев.

Како што напомена министерот Димовски, секоја нова винарска визба значи поголема конкуренција, а тоа ги подобрува условите за лозаро-винарството во државата кое е многу значаен сектор.

Звонимир Божиновиќ, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, потсети дека регионот има извонредни услови за производство на вино. При изборот на лозарот дали да сади трпезни или вински сорти на грозје, локацијата е фактор број еден.

– Македонија се избори за сопствено место на винскиот пазар, сега треба само да се биде што поприсутен, истакна професорот.

Градоначалникот на Росоман Стојанче Лазов се согласи дека конкуренцијата во бизнисот придонесува за подобар пласман и подобри цени со што се унапредува лозаровинарскиот сектор.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП