6 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАФестивалот „Браќа Манаки“ ќе се претстави на Канскиот филмски фестивал

Фестивалот „Браќа Манаки“ ќе се претстави на Канскиот филмски фестивал

Image (100)

Интернационалниот фестивал на филмска камера  „Браќа Манаки“ – Битола ќе се претстави на претстојниот Кански филмски фестивал, што ќе се одржи од 13 до 24 мај.

Целиот проект се реализира во соработка со Агенцијата за филм на Република Македонија и Кинотеката на Македонија. Мотото под кое ќе се претставиме е „Lens thru time“ („Објективи низ времето“).

Фестивалот ќе се претстави во рамките на павилјонот на земјите од Југоисточна Европа. Во годината кога светот, а особено Кан, одбележува 120 години од првата проекција на браќата Лимиер, Македонија и Балканот има со што да се гордеат, а тоа е 110-годишнината од творештвото на првите фотографи и кинематографери на Балканот.

Промотивни материјали од различен тип (разгледници, брошури, летоци, дивидија со филмовите на Манаки…) ќе им бидат доделени на видни личности од филмската индустрија, агенти за продажба, дистрибутери.

„Промоцијата во Кан е многу важна од повеќе аспекти. Кан во деновите на фестивалот е центарот на филмскиот свет и затоа можеме да го исползуваме за наша промоција. Сакаме да привлечеме што е можно поголемо внимание врз нашиот фестивал. На фестивалот сакаме да му обезбедиме што е можно поголема финансиска поддршка од европски филмски фондови. Подготвивме интересен пропаганден материјал, а уште поважно ќе ни биде лично да се сретнеме со претставници на филмската индустрија. Тие се наши потенцијални гости во рамките на 36. издание на фестивалот. Јубилејот 110 години од браќата Манаки ќе ни биде силен  адут“, рече директорот на фестивалот, Димитар Николов .

Идејниот творец на учеството во Кан е уметничкиот директор на „Браќа Манаки“, Благоја Куновски.

„Кога на интернет-страницата на 68. Кански филмски фестивал беше објавено дека ќе се одбележува 120-годишнината од првите филмски записи и раѓањето на филмот од француските браќа Огист и Луј Лимиер, седнав и го напишав предлог-проектот за Кан, имајќи го на ум големиот и неизбежен повод – 110 години од творештвото на браќата Манаки. Значи, во фокусот ќе биде фестивалот со неговите изминати 35 изданија и фотографско-филмскиот опус на браќата Манаки, а ова е одличен повод и за презентација на македонската кинематографија, во соработка со Агенцијата за филм, Друштвото на филмските професионалци, Кинотеката на Македонија“, рече Куновски.

Во рамките на ова уникатно претставување во Кан е подготвено и специјално изненадување за најважните гости, претставници на фестивали и филмски институции. За сите нив, нашите пријатели од „Тиквеш“ обезбедија автентичен подарок од Македонија – врвно црвено вино „барово“, наградено со највисоки оцени од светски познати вински критичари од калибарот на Роберт Паркер, за кое во оваа пригода е направена и посебна етикета.

Во промотивниот материјал ќе се најде и брошура за промоција на Битола и на проектот „Битола-Филмленд“. За таа цел ја имаме поддршката од градоначалникот Владимир Талески, како и од директорот на Центарот за култура, Борче Димитровски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП