26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСе очекува плодна туристичка пролет во Охрид

Се очекува плодна туристичка пролет во Охрид

Image (89)

Туристи од Холандија, Белгија, Данска, Полска, Турција, Бугарија, Грција, Албанија, и од земјите на поранешна Југославија ќе одмараат на Охридската ривиера во текот на месеците мај и јуни.

Според информациите кои ги доби порталот Ohridnews од туристички работници, освен групите на странски туристи, оваа пролет хотелите на крајбрежјето ќе бидат домаќини и на низа конгреси и семинари кои исто така ќе донесат бројни гости.

Пролетната сезона започнува со престојниот првомајски викенд кога се очекуваат голем број групи на српски, бугарски и турски туристи, како и бројни домашни гости.

„За претстојниот викенд во нашиот хотел буквално се бараше место повеќе, капацитетот ни е целосно исполнет. Исто така според најавите и резервациите, голем број туристи очекуваме и во текот на месец мај, кога ќе стартуваат чартер летовите од Холандија, но имаме и најави за туристи од Полска, Хрватска, Словенија и Турција во рамки на кружните Балкански тури“, вели Тоше Чочороски од хотелот „Силекс“.

Слична  е состојбата и во хотели „Метропол“ од каде што информираат дека имаат исполнети капацитети за претстојниот продолжен викенд, а освен гостите од Европа, во текот на пролетните месеци ќе имаат голем број гости од далечно-источните земји, во рамки на кружните балкански тури.

Од хотелот „Гарден“ информираа дека во рамки на првомајскиот викенд очекуваат голем број групи на туристи од соседството, но и брони домашни гости.

„Овој викенд очекуваме групи на туристи од Грција, Србија и Албанија, а во текот на наредниот пролетен период освен традициналните туристи од Холандија очекуваме хрватски, словенски и полски туристи. Доколку се остварат најавите и резервациите ќе имаме успешна туристичка пролет“, велат од хотел „Гарден“.

Инаку според најавите на домшните ин-каминг агенции, во текот на наредната седмица ќе треба да пристигнат првите групи на туристи од земјите на Бенелукс. Првиот чартер на туроператорот „Корендон“ на охридскиот аеродром треба да слета на 5-ти мај, додека пак првиот чартер авион на туроператорот „ТУИ Аркетравел“ ќе пристигне на 10-ти мај.

Според податоците на туроператорите кои беа објавени во медиумите, продажбата на аранжманите за Охрид бележат пораст за околу 30 проценти, споредено со истиот период минатата година. Проценките на „Корендон“ и на „ТУИ“ врз основа на сегашниот интерес за македонската туристичка понуда се дека во текот на летната сезона 2015 на Охридската ривиера и во Македонија ќе летуваат околу 25 илјади туристи од Холандија, Белгија и Луксембург.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП