Амбасада на Украина во Италија протестираше до челниците на италијанското министерство за надворешни работи со барање да реагира на изјавата на функционерот на министерството за економски развој Федерико Ајхберг дека економските санкции на ЕУ против Русија наскоро би можеле да бидат укинати, пишува во средата украинскиот весник Європейська правда, повикувајќи се на дипломатски извори.
Според весникот, писмениот демарш потпишан од страна на украинскиот амбасадор во Рим, бил испратен во вторникот. Во документот украинскиот дипломат изразил „сомневања во врска со компетентноста на претставникот на министерството за економски развој да ги коментира одлуките на владата“ на Италија.
Покрај тоа, во информацијата на украинскиот весник се додава дека амбасадорот на Киев побарал од челниците на италијанската дипломатија „да реагираат на изјавите на Ајхберг, коишто им противречат на официјалните позиции на владата“.
Претходно шефот на Управата за трговска политика при италијанското министерство за економски развој, Федерико Ајхберг, во својот настап на конференцијата за трговска размена со Русија во Милано, изјавил дека Италија нема да го поддржи и ќе го блокира продолжувањето или проширувањето на економските санкции против Русија, коишто Европската унија ги воведе заедно со САД поради присоединувањето на црноморскиот полуостров Крим, што го смета за украинска територија, и поради наводната нејзина вмешаност во украинската криза.
Соговорникот на весникот изјавил дека „демаршот не останал без внимание“, како и дека „наскоро се очекува официјален одговор од владата“ на Италија.