12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБиотехнолошкиот сектор го притисна Волстрит

Биотехнолошкиот сектор го притисна Волстрит

Wall Street surge

Цените на акциите на Волстрит паднаа во понеделникот од рекордните нивоа, по разочарувачките вести од биотехнолошкиот сектор, кој загуби над 4 отсто.

Dow Jones ослабна 42 поени или 0,23 отсто, на 18.037 поени, додека S&P 500 се спушти за 0,41 отсто, на 2.108 поени, а индексот Nasdaq беше во минус 0,63 отсто, на 5.060 поени.

Падот на S&P 500 и Nasdaq од рекордните нивоа пред се’ се должи на падот на цените на акциите во биотехнолошкиот сектор за 4,1 отсто, откако неколку компани, меѓу кои и Amgen и Celladon, известија дека нивните лекови не ги минале тестирањата според очекувањата.

Цената на акцијата на Amgen падна за над три отсто, а на Celladon за над 80 отсто.

Овој сектор се најде и под притисок и поради написите во медиумите за превисоки цени на лековите.

„Цените на лековите навистина ги загрижуваат инвеститорите“, вели Пол Јорк, портфолио менаџер во компанијата Life Sci Partners.

Сепак, засега не се очекува сценариото од пред една година, кога биотехнолошкиот сектор во краток рок загуби над 20 отсто поради стравувањата на инвеститорите дека е преценет. Тогаш биотехнолошкиот сектор многу брзо закрепна од загубите, па од април минатата година скокна за над 50 отсто.

„На ваквиот раст во одреден момент ќе му дојде крај, но се’ уште не сум во паника. Можеби станува збор само за тоа дека некои големи инвеститорите ги менуваат позициите“, вели Бил Гундерсон, претседател на компанијата Gunderson Capital.

Остро, за 1,8 отсто, вчера падна и S&P индескот на здравствениот сектор, кој досега беше најголем добитник во оваа година.

Меѓу останатите, цената на акцијата на Mylan потона за 5,7 отсто, откако фармацевтската компанија ја одби понудата на Teva Pharmaceuticals за преземање за 40 милијарди долари бидејќи раководството на компанијата смета дека понудата е премала. Акцијата на Teva , пак, поевтини, за 4,3 отсто.

Во фокусот на инвеститорите вчера се најде и акцијата на Apple, која во редовното тргување поскапе за 1,8 отсто. По затворањето на берзата во продолженото тргување цената на Apple порасна за дополнителни 1,1 отсто, со оглед дека технолошкиот гигант извести за 27-отстотен раст на приходите во првото тромесечје.

На европските берзи цената на акцијата вчера порасна. Лондонски FTSE зајакна за 0,71 отсто, на 7.103 поени, додека франкфуртски DAX скокна за 1,93 отсто, на 12.039 поени, а париски CAC беше во плус 1,30 отсто, на 5.28 поени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП