Грчкиот премиер Алексис Ципрас изразил уверување дека до почетокот на мај, Атина ќе постигне договор со кредиторите, Европската унија, и Меѓународниот монетарен фонд.
„Нашата цел е, доколку е можно, оваа недела да го постигнеме првиот договор или најдоцна до следната недела. Верувам дека сме блиску до договор“, изјавил Ципрас во интервју за грчката телевизија Стар ТВ, пренесува Франс прес.
Грчкиот премиер ја отфрлил можноста за одржување на предвремени избори, доколку преговорите за пакетот на помош со меѓународните кредитори не успејат, но не ја отфрлил можноста за одржување на референдум во случај грчките кредитори да и понудат на Атина договор кој е во спротивност со изборната програма на Ципрас.
„Доколку се најдам во позиција тој договор да ги надминува рамките на мојот мандат, немам друга опција, освен да им дадам на избирачите да донесат одлука“, порачал Ципрас оценувајќи дека сепак нема да има потреба за референдум, бидејќи ќе се постигне договор.
Тој исто така навел дека неговата влада е подготвена да разгледа голем број на приватизации, како и дека настојува да постигне договор за партнерство во клучните проекти, вклучувајќи ги тука управувањето со пристаништето во Пиреја, за кое е заинтересирана Кина.
„Тоа ќе бидат наши концесии, доколку се постигне договор“, изјавил Ципрас.
Ципрас во понеделникот направил измени во тимот кој во име на Атина преговара со меѓународните кредитори, Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд, бидејќи на тој план не бил остварен значителен напредок во последните два месеца, пренесува Франс прес.
Во соопштението на грчката влада било наведено дека координатор на новиот преговарачки тим ќе биде заменик министерот за надворешни работи и професор по економија, Еуклид Цакалос, додека грчкиот министер за финансии, Јанис Варуфакис ќе биде задолжен за надгледување на тимот.