19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИванов во работна посета на Азербејџан

Иванов во работна посета на Азербејџан

ivanov1

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, од вторник престојува во работна посета на Азербејџан.

Предвидено е Иванов да има билатерална средба со претседателот на Азербејџан,  Илхам Алијев, а ќе учествува и на 3. Глобален форум во Баку „Градење доверба во новиот светски поредок“.

На 3. Глобален форум во Баку, што е во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“, Мадридскиот клуб и Азербејџанскиот државен комитет за работа со дијаспора, предвидено е претседателот Иванов да се обрати на сесијата на отворањето на форумот, заедно со претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, претседателот на Бугарија, Росен Плевнелиев, премиерот на Малта, Џозеф Мускат, а предвидени се и пораки од канцеларот на Германија, Ангела Меркел и британскиот премиер, Дејвид Камерон.

За време на престојот во Баку, Иванов ќе се обрати и на Меѓународната конференција за човечки развој, во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“ и Светската Академија за уметност и науки, а предвидено е да биде потпишан и меморандум за разбирање меѓу Школата за млади лидери на претседателот Иванов и Меѓународниот центар „Низами Ганџави“.

Во рамки на работната посета на Азербејџан ќе биде организиран бизнис форум, на кој ќе бидат презентирани потенцијалите на Македонија и поволностите за странски инвестиции, на кој ќе се обрати Иванов. Во македонската делегација е и Климент Шеќеровски, заменик Извршен директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Македонија.

Во фокусот на 3. Глобален форум во Баку е градењето доверба во новиот светски поредок.  Најавено е учество на над 100 претставници од околу 60 земји во светот и десетици меѓународни организации, како и голем број поранешни претседатели и премиери од целиот свет.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП