11 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПродолжуваат преговорите на ЕУ со Атина која ветува исплаќање на долговите

Продолжуваат преговорите на ЕУ со Атина која ветува исплаќање на долговите

Image (63)

Преговорите меѓу Грција и нејзините доверители продолжуваат во понеделникот, најави извор од грчката влада, додавајќи дека во врска со тоа во неделата навечер премиерот Алексис Ципрас имал телефонски разговор со германската канцеларка Ангела Меркел, а грчкиот претседател Прокопис Павлопулос уверува дека земјата ќе ги врати сите долгови и на крајот ќе остане во еврозоната.

„Двајцата челници (грчкиот премиер Алексис Ципрас и германската канцеларка Ангела Меркел – з.м.) во текот на разговорот истакнаа дека сакаат да воспостават стабилна комуникација во текот на преговорите, за во догледно време да постигнат корисен договор за двете страни“, изјавил за AFP неименуван извор од грчката влада.

За да се забрзаат преговорите, Ципрас разговарал и со претседателот на групата министри за финансии на еврозоната – Еврогрупата, Јероен Дијселблом. Никос Хурлиракис, кој ја претставува Грција во ткн „бриселска група“, задолжена за преговорите меѓу Атина и нејзините странски доверители, исто така, го повикал претставникот на Европската комисија, Деклен Костело. Тие договориле телефонска конференција во понеделникот, пред состанокот во среда во Брисел.

Овие телефонски разговори следеа два дена по заладувањето на односите меѓу грчкиот министер за финансии, Јанис Варуфакис, и 18-те членови на Еврогрупата, во текот на заедничкиот состанок во Рига каде што не беше постигнат никаков договор. Во текот на споменатиот состанок, еврозоната ја истакна својата загриженост поради слабото напредување во разговорите меѓу двете страни.

Грција со време ќе ги врати сите позајмени средства и на крајот ќе остане во еврозоната, уверува грчкиот претседател Прокопис Павлопулос во интервјуто што во понеделникот го објави интернет изданието Spiegel Online.

„Во 1970-те Грција се бореше да стане дел од Европа. Токму тоа е причината зошто опстанокот на земјата надвор од границите на Европа е невозможно да се замисли. Јас воопшто не размислувам за излегување од еврозоната“, вели Павлопулос.

„Ние ќе ги исплатиме сите наши долгови до последното евро. Должни сме да го одржиме балансираниот буџет и постепеното намалување на износот на долгот“, додава грчкиот претседател и истакнува дека тој има намера да ја продолжи соработката со својот германски колега Јоаким Глаук. „Ќе ја посетам Германија што е можно поскоро“, порачува Павлопулос.

Германија последниот период истакнува дека, исто така, не размислува за евентуалното напуштање на еврозоната од страна на Грција. Така, кацеларката Меркел минатиот петок во Бремерхафен, говорејќи пред членовите на локалната организација на нејзината Христијанско-демократската унија (CDU) изјави дека „добила впечаток оти сите страни работата над решението на проблемот“.

Ја истакна важноста од спроведувањето на мерките од страна на Грција, како што е на пример спроведувањето на приватизацијата на државните компании, реформи на пазарот на трудот и пензискиот систем, кои се услов актуелната финансиска помош да биде заменета со нова програма. Меркел истакна и дека во интересот на Атина е што е можно поскоро да се договори со кредиторите, но дека е неопходно да бидат вклучени реформите.

„Од страна на Германија, ние сме подготвени да ја осигуриме сета наша поддршка која ќе биде побарана. Но, се разбира, реформите мора да бидат спроведени“, порача Меркел.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП