2 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАДенови на младата македонска проза во Софија

Денови на младата македонска проза во Софија

sofija kultura

Во Софија, денеска во организација на Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје, во соработка со Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, почнува манифестацијата Денови на младата македонска проза.

По отворањето на изложба на книги од млади македонски автори, ќе се одржи трибина на која ќе учествуваат млади белетристи од двете земји, издавачи и преведувачи, а ќе се разговара за можностите за соработка и за меѓусебно запознавање.

Во вторник, исто така во КИЦ на Република Македонија во Софија, ќе се одржи вечер на младата македонска проза, на која ќе бидат претставени и ќе настапат седуммина македонски писатели: Јулијана Величковска, Фросина Пармаковска, Живко Грозданоски, Петар Андоновски, Давор Стојановски, Михајло Свидерски и Верче Карафилоска. На претставувањето ќе говорат и Васко Шутаров, директор на КИЦ на Македонија во Софија и Нове Цветаноски, уредник на „Македоника литера“.

Во рамките на манифестацијата, која се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, меѓу другото, ќе бидат остварени и посети на асоцијации, издавачи и други институции. На манифестацијата, и на средбите со бугарски издавачи, писатели и преведувачи, ќе биде претставен и конкурсот за странски издавачи на Министерството за култура.

Целта на манифестацијата е да се овозможи понепосредно запознавање на младите автори од двете земји и да се оствари поголема меѓусебна соработка, посебно во областа на преведувањето и објавувањето на дела во двете земји.

За потребите на манифестацијата, отпечатена е и посебна брошура (каталог) на бугарски јазик во која се претставени 17 млади македонски белетристи (до 35-годишна возраст): Румена Бужаровска, Марта Марковска, Ѓорѓи Крстевски, Јулијана Величковска, Андреа Јанковски, Анета Попова, Фросина Пармаковска, Ненад Јолдески, Фросина Стојковска, Живко Грозданоски, Петар Андоновски, Давор Стојановски, Иван Шопов, Олгица Станковска, Натали Спасова, Михајло Свидерски и Верче Карафилоска. Младите македонски белетристи, со овој каталог ќе бидат претставени и на Меѓународниот саем на книгата, што ќе се одржи во Софија во почетокот на декември 2015 година, а на кој учеството на Република Македонија го организира „Македоника литера“.

Со тридневната манифестација Денови на младата македонска проза се одбележува десетгодишнината на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП